Американската влада во тековната фискална година вратила околу 81 милијарда долари на компании што плаќале дополнителни царини воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, откако Врховниот суд на САД утврди дека претседателот немал законско овластување да ги воведе тие давачки врз основа на законот за меѓународни економски вонредни состојби.
Најголемиот дел од парите бил исплатен во мај и јуни. Само во јуни, Министерството за финансии вратило 49,2 милијарди долари царини, повеќе од двојно во споредба со 22 милијарди долари исплатени во мај. Во двата месеца вкупно биле вратени околу 71 милијарда долари, додека вкупниот износ на повратите од почетокот на фискалната година, според податоците на американските финансиски власти, достигнал околу 81 милијарда долари.
Во јуни САД наплатиле 23,6 милијарди долари бруто-царински приходи, но исплатиле повеќе од двојно поголем износ во поврати. Наместо приход, царинското работење за тој месец создало нето-одлив од 25,6 милијарди долари од федералниот буџет.
Парите не им се враќаат директно на американските потрошувачи кои плаќале повисоки цени за увезените производи, туку на увозниците и компаниите што формално ги уплатиле царините при влезот на стоката во САД. Дел од компаниите претходно поднесоа тужби, додека за други постапката за поврат се спроведува преку електронски систем на американската царинска служба.
Врховниот суд на 20 февруари пресуди дека Законот за меѓународни економски вонредни состојби, познат како IEEPA, не му дава на претседателот овластување самостојно да воведува царини. Судот оцени дека, кога Конгресот сака да му ја пренесе на претседателот моќта за воведување увозни давачки, тоа го прави изречно и со конкретни ограничувања, што не било направено во овој закон.
Одлуката беше донесена со шест гласа наспроти три и се однесува на широките царини што Трамп ги воведе повикувајќи се на вонредни овластувања, меѓу кои таканаречените реципрочни царини за голем број држави и дел од давачките поврзани со трговијата со Кина, Канада и Мексико. Таа не значи дека сите царини воведени од администрацијата на Трамп се автоматски поништени, бидејќи американските закони предвидуваат и други механизми преку кои претседателот може да воведе ограничени или секторски давачки.
Американската царинска служба проценила дека до одлуката на Врховниот суд биле собрани околу 166 милијарди долари царини засновани врз спорниот закон. До крајот на јуни биле вратени околу 42 проценти од тој износ, додека обработката на останатите барања продолжува.
Околу процесот и натаму се води правен спор. Министерството за правда тврди дека право на поврат треба да имаат само компаниите што навреме поднеле тужби или ги исполниле пропишаните царински процедури. Судот за меѓународна трговија, пак, побара системот да биде достапен за сите увозници што ги платиле незаконски воведените давачки. До последните судски рочишта биле прифатени барања во вредност од околу 90 милијарди долари, а царинската служба му дала налог на Министерството за финансии за исплата на најмалку 23 милијарди долари преку конкретната електронска постапка.
Масовното враќање на царините директно се одрази врз американскиот буџет. Во јуни федералниот буџет забележа дефицит од 120 милијарди долари, наспроти суфицит од 27 милијарди долари во истиот месец минатата година. Вкупните приходи се намалиле за шест проценти, на 496 милијарди долари, додека расходите пораснале за 23 проценти и достигнале 616 милијарди долари.
За првите девет месеци од фискалната 2026 година, американскиот дефицит достигнал 1,367 трилиони долари, што е за два проценти повеќе од истиот период во претходната година. Покрај царинските поврати, значителен притисок врз буџетот создаваат и каматите на јавниот долг. Само во јуни бруто-каматните расходи се зголемиле за 28 проценти и достигнале 185 милијарди долари.
Царините беа еден од централните инструменти на економската политика на Трамп. Белата куќа тврдеше дека повисоките давачки ќе ги принудат компаниите да го вратат производството во САД, ќе обезбедат подобри трговски договори и ќе создадат стотици милијарди долари дополнителни буџетски приходи. Судската одлука го ограничи користењето на вонредните овластувања за оваа цел, но администрацијата веќе подготвува нови царини врз основа на други одредби од трговското законодавство.
Привремената глобална царина од 10 проценти, воведена по судската одлука преку друг механизам, треба да истече на 24 јули. Администрацијата најавува нови мерки против држави што ги обвинува за прекумерни индустриски капацитети, принудна работа, субвенционирање на производството или даноци насочени кон американските технолошки компании.
