СДСМ: ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО на најбезобразен и брутален начин со апсење на новинарот Фуркан Салиу

„ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО на најбезобразен, брутален начин со апсење на новинарот Фуркан Салиу и СДСМ го осудува овој недемократски чин и бара негово ослободување веднаш“, порача вечерва портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски.

На прес конференцијата беше истакнато дека „на сите им е јасно дека ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ“.

„На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници од страна на Тошковски. Значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата, на демократијата, на слободата на говор, загарантирана со Устав“, посочи Каевски.

Апсењето на новинарот Фуркан Салиу за СДСМ е „директен, брутален притисок врз независните новинари, врз оние кои истражуваат и работата за јавниот интерес“.

„За 7 години власт на СДСМ, не само што нема уапсен новинар, не само што претставките против новинари од функционери пред судовите се минато, туку Владата предводена од СДСМ донесе низа и законски решенија со кои се гарантира заштитата на новинарите“, рече Каевски.

Тој дополни дека „ДПМНЕ само за 2 месеци покажа како мисли да ја практикува власта доколку ја добие, со сила“.

„Во демократска држава во април мириса на пролет а со ДПМНЕ на чело на МВР кај нас мириса на режим. Се уште се свежи сеќавањата за апсењето на новинарот Кежаровски. Ова значи дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Тоа е истата режимска партија“, сметаат во СДСМ.

Од СДСМ побараа новинарот веднаш да биде ослободен, а заплашувањето и злоупотребата на МВР и другите институции под капата на ДПМНЕ да прекине.

„Заедно со граѓаните ќе направиме сѐ што е потребно Фуркан да може слободно и безбедно да ја кажува вистината и понатаму а полициската бруталност да биде спречена“, нагласи на прес конференцијата портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира