Мицкоски отвора базен, додека новиот унгарски премиер Петер Маѓар најавува истрага за кредитот од една милијарда евра што владата на Виктор Орбан ѝ го одобри на Македонија, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека Маѓар изразил сомневање оти средствата наменети за поддршка на унгарските компании биле искористени за зајакнување политички сојузник. Според СДСМ, случајот веќе е предаден на полицијата.
„Додека во Унгарија почнуваат да испитуваат каде завршиле парите и зошто Мицкоски добил пари, кај нас премиерот отвора базен“, соопшти СДСМ.
Партијата оценува дека ова е слика на двегодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ – од една страна истраги, сомневања за злоупотреби и политички мотивирани кредити, а од друга страна отворање базени, сечење ленти и фотографирање за домашната јавност.
Во соопштението се наведува дека Мицкоски и неговите соработници со години се фалеле со „стратешкото партнерство“ со Орбан. СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ преку Орбан контролира околу 40 проценти од медиумите во Македонија, а ја посочува и компанијата 4iG како мобилен оператор чија инфраструктура ќе се користи за дистрибуција на медиумски содржини.
„Сега, кога Орбан падна, почнуваат истрагите. А тие, наместо одговори, продолжуваат со претстави“, соопшти СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните треба да знаат оти, додека се соочуваат со економска криза и загадена вода, Мицкоски отвора базен, а во Унгарија се проверува колку чинеле тој базен и други проекти.
