Шкотска брка историја, Мароко го брани статусот на светска сила

Шкотска и Мароко ноќеска ќе го одиграат еден од најважните натпревари во второто коло на групата Ц на Светското фудбалско првенство, во дуел кој може да го одреди нивниот пат кон нокаут-фазата.

Средбата на стадионот во Бостон започнува на полноќ по македонско време, односно во ноќта меѓу петок и сабота.

Шкотите влегуваат во натпреварот како лидери во групата, откако на стартот го совладаа Хаити со 1-0. Единствениот погодок го постигна Џон Мекгин, со што Шкотска ја забележа првата мундијалска победа по 36 години.

Победа против Мароко би ѝ донела на селекцијата на Стив Кларк историски пласман во нокаут-фазата. Шкотска никогаш досега не успеала да ја мине групната фаза на едно големо натпреварување, па натпреварот во Бостон има посебно значење за репрезентацијата и илјадниците навивачи кои пристигнаа во САД.

Сепак, играта против Хаити не беше целосно убедлива. Шкотска во повеќе периоди му ја препушти иницијативата на противникот, а селекторот Кларк побара од своите фудбалери поголема смиреност со топката и подобра контрола на играта.

Дополнителна неизвесност пред натпреварот создава состојбата на дефанзивецот Скот Мекена, кој се соочува со повреда на листот и е неизвесен за настап.

Мароко, од друга страна, покажа дека останува меѓу најсилните репрезентации во светот. Африканската селекција во првото коло одигра 1-1 против петкратниот светски шампион Бразил, откако поведе со погодокот на Исмаел Саибари, а Винисиус Жуниор подоцна го израмни резултатот.

Мароканците не го кријат амбициозниот план да го повторат или надминат историскиот успех од Мундијалот во Катар, кога станаа првата африканска репрезентација што стигнала до полуфиналето.

Селекторот Мохамед Уахби побара неговите играчи да го заборават добриот резултат против Бразил и целосно да се насочат кон Шкотска. Победа во Бостон би го поставила Мароко во одлична позиција пред последниот натпревар во групата против Хаити.

Главната предност на Мароко е техничкиот квалитет и искуството на фудбалерите кои настапуваат во најсилните европски првенства. Шкотска, пак, ќе се обиде со дисциплинирана одбрана, физичка игра и прекини да ја ограничи брзината на противникот.

Ова ќе биде прв меѓусебен натпревар на двете репрезентации по Светското првенство во 1998 година. Тогаш Мароко ја совлада Шкотска со убедливи 3-0 и ја остави без пласман во следната фаза.

По првото коло Шкотска има три бода, Мароко и Бразил по еден, додека Хаити е без бодови. Во вториот натпревар од групата Бразил ќе игра против Хаити.

Најчитано