Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шкријељ: Мојата битка не е со другите жени, туку битка за сите жени

Санела Шкријељ
Санела Шкријељ

Со европска агенда која значи унапредување на животниот стандард и квалитет на живот за сите граѓани по сите основи, Санела Шкријељ ги предводи жените во Изборната единица 2 на листата на СДСМ.

Борецот за женски права, активистка за правата на маргинализираните заедници и лицата во ризик, неуморно ја продолжува својата “битка“ со многу работа и труд за подобро утре на сите жени.

Иако ќе се соочи со собраниската колешка Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица два, Шкријељ вели дека тоа нема да биде ривалство, туку заедничка борба за сите жени.

-Жените треба и мора да се присутни на највисоките функции, но овие претседателски избори, несомнено Стево Пендаровски треба и ќе биде повторно претседател на сите граѓани“, проевропските партии ќе ја формираат новата Влада, а СДСМ ќе биде столб на таа Влада, вели Шкријељ за Градска.мк.

Чест и одговорност е да бидам првата жена на кандидатската листа

-За мене тоа е важна порака дека единствениот исправен пат е да сме доследни на вредностите кои ги промовираме. Кандидатската листа на СДСМ во ИЕ 2 ја пресликува нашата татковина со сите нејзини различности, вклучително и мојата бошњачка заедница и на тоа сум особено горда. Предизвикот кој јас си го поставувам пред себе е унапредување на животниот стандард и квалитет на живот за сите граѓани, плата достојна за живот, грижа за оние кои ја граделе нашата држава, еднакви можности и еднаков пристап за секое дете, за секоја жена и девојка, за лицата со попреченост.

Да се стигне до е сериозен предизвик, во кој трзвено треба да се понесе и минатото во кое се донесени и тешки државнички одлуки, смета Шкријељ.

-Точно е дека како мнозинство моравме да донесеме и некои тешки одлуки, но благодарејќи на тие одлуки ние сме денес земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и ниту еден одговорен политичар која навистина ја сака Македонија нема да дозволи да застанеме или да се оддалечиме од тој пат. Направивме многу работи кои се добри за граѓаните, но исто така е точно дека имавме и грешки од кои не бегам, секоја оправдана критика ја прифаќам и знам дека имаме уште многу работа пред нас да обезбедиме просперитетна сегашност и иднина за младите, тука, во сопствената земја.

Економски раст, силни институции и подобар живот се можни само ако сме дел од ЕУ

Европа наспроти национализмот и црвените линии. Две дијаметрално различни понуди а исти гласачи. Шкријељ со став дека Европската Унија е единствената алтернатива за земјава. Тоа е политиката која треба да ја заокружат граѓаните, давајќи глас и потврдувајќи дека се на вистинската страна за иднината на нашата земја.

-Европската унија, соработката и концептот општество за сите за мене немаат алтернатива. Настојувам да бидам дел од онаа група политичари кои не седат на страна и чекаат проблемите сами од себе да се решат, затоа што тоа нема да се случи. Всушност тој пристап кон проблемите и етнонационализмот кој го гледавме за време на владеењето на ВМРО единствено придонесе да станеме изолирана држава која стагнира во секој поглед. Секој што сака да ја води нашата земја мора да даде јасни одговори кон гласачите и да има јасен план за евроинтегративните процеси. Економски раст, силни институции и подобар живот е можен само ако сме дел од ЕУ и единствена вистинска страна на иднината е европската иднина. Нам ни се потребни пристапните преговори, не само заради крајната цел, полноправно членство, туку и заради самиот процес кој е неопходен за реформите кои сите сакаме да ги видиме во Македонија. Моите црвени линии се инклузивно, фер и праведно општество кое го штити достоинството и човековите права на секој поединец. Затоа се залагам за достоинствен стандард за сите работници, пристапно и квалитетно образование втемелено на принципите на родова еднаквост, интеркултурализам и инклузивност за секое дете и унапредување на правата и услугите од социјалната заштита. Имаме и визија, но и план и програма за остварување на таа визија, вели таа.

Женска битка Санела Шкријељ-Жаклина Пешевска-сведена на битка за сите жени

Во Изборната единица 2 како главен опонент на Шкријељ е собраниска колешка Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ. Ривалаството Шкријељ не го гледа во дневната политика на партиите, туку во долгорочна политика за подобро утре на сите жени.

-Мојата битка не е со други жени, туку битка за сите жени. И во таа битка секогаш сум влегувала без калкулации, подеднакво и како активистка и како пратеничка, затоа што цврсто верувам дека родовата еднаквост е фундаментална вредност и основа за развој на секое демократско општество. Тоа значи дека ќе истраам во своите залагања за живот ослободен од насилство за секоја една, нов закон за родова еднаквост, унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје на секоја жена и девојка, без разлика каде живее. Потребно е и да ја зголемиме поддршката на граѓанските организации кои обезбедуваат социјални услуги, вклучително и услуги за жени жртви на насилство. Закон за работни односи кој гарантира подобра заштита на бремените работнички, родителско отсуство, како и системско решавање на породилното отсуство на жените земјоделки.Секако дека никогаш нема да ме видите на протест против родовата еднаквост и унапредувањето на правата на жените, децидна е Шкријељ.

Проевропските партии ќе ја формираат новата Влада, а СДСМ ќе биде столб на таа Влада

На овие избори рејтингот на помалите политички партии е во пораст. Левица и ЗНАМ особено уживаат голем рејтинг во ИЕ2. Сепак Шкријељ вели дека мнозинството граѓани сака нашата земја да биде дел од ЕУ а СДСМ има многу јасен став и план како да продолжи на патот кој веќе го започна со целосна заштита на македонскиот јазик и културна специфичност

-Она што е клучно е дека пред нас се избори помеѓу исчекорување кон ЕУ или оддалечување од евроатланските интеграции и тоа во услови на навистина специфична геополитичка и безбедносна ситуација. И најодговорно тврдам дека никој кој навистина сака Македонија да биде просперитетна и стабилна држава, нема да ја оддалечи од ЕУ и НАТО за сметка на сопствениот партиски рејтинг. СДСМ има многу јасен став и план како до членство во ЕУ и тоа го обезбедивме, со целосна заштита на македонскиот јазик и нашата културна специфичност. Имаме успешно завршен скрининг што уште еднаш потврди дека и те како имаме капацитети за успешно преговарање. Нашето членство во ЕУ е достижно доколку немаме струи кои ги забавуваат овие процеси кои се во корист на државата и сите граѓани во неа. Ќе го цитирам Туркаљ, хрватскиот правен експерт за Западен Балкан и поранешен главен преговарач за Хрватска за Поглавјата 23 и 24: “Дали вашата политичка елита сака Македонија забрзано да влезе во Европската Унија или да го врати процесот на почеток?”

На тоа прашање сите имаме можност да дадеме одговор на претседателските и парламентарните избори. Несомнено е дека, и покрај целосно оправданите разочарувања и фрустрации од долгиот и често нефер процес, мнозинството граѓани сака нашата земја да биде дел од ЕУ. Затоа и верувам дека проевропските партии ќе ја формираат новата Влада, а СДСМ ќе биде столб на таа Влада.

СДСМ останува на принципот за застапеност на 50% жени на изборните листи

Жените во политиката одамна не се табу тема во земјава, но има уште многу работа за да се обезбеди еднакво учество на жените таму каде се носат одлуките.

-Во Собранието имаме рекорден број на жени кои, да бидеме искрени, се должи на законските квоти. Таму каде што немаме квоти, гледаме дека имаме значително помал број на жени. Затоа остануваме на барањето најмалку 50% жени од кандидатите на пратеничките и советничките листи, задолжителни 30% жени кандидатки за градоначалници и квоти за извршната власт. Она на што сум горда е што СДСМ останува на принципот за застапеност на 50% жени на листите и фактот што сите жени во извршната власт се предложени од страна на СДСМ и коалицијата. На изборните листи имаме силни жени кои споделуваат социјалдемократски вредности и знаат дека борбата за родова еднаквост е далеку од завршена и мора да продолжи.

Жена за Претседател ДА, но во овие избори повторно маж

-Жените треба и мора да се присутни на највисоките функции и верувам дека во некој од наредните изборни циклуси ќе имаме и жена претседателка и жена премиерка. Верувам и дека тоа ќе бидат жени кои не само декларативно, туку и преку своите постапки и дела ќе ја промовираат и унапредуваат еднаквоста. Ако прашањето е за овие претседателски избори, немам сомнеж дека Стево Пендаровски треба и ќе биде повторно претседател на сите граѓани, додава Шкријељ.

Г.Р.

Преземено од Градска.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира