Резиме од пратеничките прашања, Мицкоски ги бранеше спорните проекти

Македонија

Мицкоски останува на спојувањето на безбедносните агенции, го поддржува ископот на антимон во Кривопаланечко, а за спорните концесии се повика на наследените постапки. Опозицијата бараше одговорност за рудниците, граничните пропусти и концентрацијата на моќ.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања, 29 октомври, ја бранеше намерата за спојување на безбедносните служби и владините позиции за рударските проекти. На предупредувањата за концентрација на моќ одговори со најави за транспарентност и парламентарен надзор, а на обвинувањата за рудниците возврати со одговорноста на претходните влади.

За рудниците, одговорот повторно водеше кон претходниците

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара премиерот јасно да каже дали ги поддржува проектите Иловица-Штука и Казандол, ископот на антимон во Кривопаланечко и испитувањата за потенцијален рудник на Кожуф. Го обвини дека преку рударските проекти ја отвора земјата за туѓи деловни интереси и најави граѓански отпор доколку почнат постапките за нивно отворање.

Мицкоски експлицитно ја потврди поддршката за проектот за антимон во Луке, повикувајќи се и на позицијата на градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ. За Казандол рече дека арбитражната постапка завршила во корист на државата и дека трошоците треба да ги плати компанијата. За Иловица-Штука се повика на почетоците на проектот, одлуките за спојување на концесиските подрачја и судските постапки.

„Јас не ја распродавам, јас само го враќам она што вие го распродадовте“, рече премиерот, префрлајќи ја политичката одговорност кон претходната власт.

Расправата се прошири и на финансиските текови. Филипче постави прашања за унгарскиот заем, Алта банка и можни трансфери на пари од Србија, изнесувајќи сомнежи за кои побара одговори. Мицкоски ги отфрли обвинувањата за криминал како невистинити и политички мотивирани.

Бегствата и петте тони дрога како тест за граничната контрола

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, го отвори прашањето како Владата гарантира контрола врз границите по случаите со бегства и заплената на петте тони дрога во Србија.

Како примери ги наведе случаите со Артан Груби, Прпарим Бајрами и Блерим Рамадани, а го спомена и патувањето на собранискиот претседател Африм Гаши на свадба во Косово. Според него, различните случаи го отвораат истото прашање, дали институциите ги спроведуваат правилата еднакво за сите.

Трајчулески побара премиерот да посочи конкретни резултати со кои може да докаже дека институциите ги обезбедуваат границите. Неговата порака беше дека суверенитетот се брани преку функционални институции, а политичките врски не смеат да бидат пропусница за избегнување на правдата.

Спојувањето на службите продолжува, надзорот останува ветување

Трајчулески побара Владата да се откаже од спојувањето на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Предупреди дека концентрацијата на безбедносната моќ може да ги ослаби демократските механизми за контрола и потсети на последиците од незаконското прислушување.

Мицкоски одговори дека Владата останува на реформата, која е предвидена во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Најави јавна дебата, транспарентна постапка и парламентарен надзор врз идната обединета агенција. Стравувањата од нови злоупотреби ги отфрли повикувајќи се на постојните институционални механизми, вклучително и Оперативно-техничката агенција.

Овие уверувања доаѓаат откако Владата предложи укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Како што претходно објави „360 степени“, во тој предлог не е објаснето со каков механизам ќе се замени досегашната координација. Предложеното укинување, сепак, само по себе не значи дека двете агенции веќе се споени.

Етнички права и енергетика, повторно со споредби со минатата власт

Од албанската опозиција беа упатени обвинувања дека Владата ги загрозува етничките права на Албанците. Мицкоски одговори со критики за долгогодишното владеење на ДУИ и за недостигот од проекти во Брвеница.

Во делот за енергетиката, премиерот тврдеше дека владините интервенции обезбедиле најниски цени на горивата во регионот. И тука одговорот го изгради преку споредба со претходната власт, обвинувајќи ја за тогашните поскапувања и отфрлајќи ги опозициските критики за цената на електричната енергија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?