Штетите од поплавите во Европа во последните години значително се зголемиле, а главни причини се сè посилните последици од екстремните временски појави и зголемената изградба во ризични подрачја, покажува анализа на осигурителната компанија Allianz Trade. Според извештајот, во периодот од 2020 до 2025 година материјалната штета од поплави во Европа достигнала 88,6 милијарди евра, што е речиси 20 отсто повеќе во споредба со претходната деценија.
Анализата на Allianz Trade покажува дека зголемувањето на штетите не е резултат на почести поплави, бидејќи бројот на вакви настани во Европа од 2000 година останува приближно стабилен, со околу 50 поплави годишно. Проблемот, според експертите, е што поплавите стануваат поразорни и предизвикуваат поголеми загуби поради поголемата концентрација на население, имот и деловни активности во подрачја изложени на ризик.
Како пример за зголемената разорност се наведува катастрофалната поплава во долината Ахр во Германија во 2021 година, која предизвика големи човечки и материјални загуби. Овој настан покажа колку сериозни можат да бидат последиците кога екстремните врнежи ќе погодат густо населени области со значителна инфраструктура.
Во извештајот „Европа под вода“ се посочува дека интензивната градба во поплавни подрачја и развојот на економски активности во ризични зони дополнително ја зголемуваат изложеноста. Новите станбени и деловни објекти, како и инфраструктурата, создаваат поголема потенцијална штета кога ќе дојде до природна непогода.
Експертите предупредуваат дека последиците од поплавите не завршуваат со директната материјална штета. Ваквите настани можат долгорочно да влијаат врз економијата преку намалени инвестиции, пониски приходи и побавен економски раст. Според проценките на Allianz Trade, голема поплава во Германија би можела во период од неколку години да го намали бруто домашниот производ за околу 0,7 отсто.
Осигурителната компанија оценува дека поголемите вложувања во заштита од поплави можат значително да ги намалат идните загуби. Според нивните проценки, секое евро вложено во превентивни мерки може да спречи околу четири евра потенцијална штета.
