Скандалозно работење на Комисијата за хартии од вредност

Во најновиот извештај за ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Комисијата за хартии од вредност (КХВ) работела со сериозни нерегуларности и системски слабости.

Ревизорите констатирале дека КХВ избришала расходувани движни ствари од сметководствената евиденција без одлука на Владата и без да спроведе постапка за нивно отстранување, со што е нарушена законската процедура за управување со државен имот.

Дополнително, дел од вработените добивале плати за неполно работно време, а при пресметка на боледувања била применета пониска стапка од пропишаната, што, според ревизорите, создава ризик од неправилни исплати и дискриминација меѓу работниците.

ДЗР забележува и дека се вршеле набавки на стоки и услуги без јавна набавка, и тоа над законски утврдениот праг, како и реализирање расходи без поткрепувачка документација. Овие постапки, оценува ревизијата, го отвараат патот за можни злоупотреби и нетранспарентно трошење на буџетски средства.

Извештајот го потенцира и нерешениот статус на примањата на претседателот и вработените на КХВ, кои и натаму не се регулирани со посебен закон. Истото важи и за платите на вработените – ДЗР препорачува тие да се уредат или со закон, или со колективен договор, за да се избегнат идни недоумици и нерамномерности.

Како завршна забелешка, ревизорите бараат КХВ да иницира измени на подзаконските акти, со цел доследно почитување на сметководственото начело на „модифицирано настанување на деловните промени“, што би овозможило потранспарентно и прецизно финансиско известување.

Комисијата за хартии од вредност сè уште нема официјално реагирано на наодите од извештајот.

Зачлени се на нашиот е-билтен