Скопје вечерва полесно дише

По попладневните часови во кои Скопје беше прекриено со чад и силен мирис на изгорено, вечерва состојбата во градот е значително подобра. Чадот постепено се повлекува, видливоста е подобрена, а во повеќе делови од градот се чувствува и значително помал мирис на изгорено.

Попладнево чадот од големиот пожар на Китка, носен од ветерот кон Скопската Котлина, предизвика нагло влошување на квалитетот на воздухот. На повеќе мерни места беа регистрирани високи концентрации на PM2.5 честички, а дел од станиците влегоа во црвената зона со нездрав воздух.

Особено лоша беше состојбата во делови од центарот, Карпош и Чаир, каде чадот беше видлив и со голо око, а граѓани пријавуваа силен мирис на запалена шума и пепел.

Со намалувањето на чадот во вечерните часови, Скопје конечно почна полесно да дише. Сепак, состојбата може повторно брзо да се промени бидејќи пожарот на Китка останува клучен фактор, а насоката на ветерот директно влијае врз тоа дали чадот ќе се спушта кон градот.

Надлежните служби продолжуваат со активностите за локализирање на пожарите, додека граѓаните, особено лицата со респираторни и срцеви заболувања, треба да продолжат да ја следат состојбата со воздухот во текот на вечерта.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?