Слаткар објави дека документарниот филм за неговиот живот ќе се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм, откако, како што наведува, деновиве прочитал „секакви коментари и вести“ и видел колку лесно јавноста суди кога знае половично или воопшто не знае.
Во објавата на Фејсбук, Слаткар нагласува дека ниту барал, ниту лично му биле доделени пари. Според него, поддршка добил документарен филм и тим кој веќе две години работи на приказна што преку неговиот живот зборува за многу повеќе од него самиот.
Тој изразува благодарност до Комисијата на Агенцијата за филм, која, како што наведува, ја препознала важноста на темата. Но, додава дека не сака проектот, кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка, да започне со поделби.
Поради тоа, како што соопшти, донесена е одлука филмот да се реализира без средствата што биле доделени од Агенцијата за филм. Во статусот тој најавува дека проектот продолжува понатаму, заедно со поддржувачите, соработниците и пријателите на кои им изразува благодарност.
Слаткар во објавата им се заблагодарува и на луѓето кои, како што пишува, го сакаат, почитуваат и ценат, порачувајќи дека „светот ќе го чуе гласот на најтивките“ и дека публиката ќе се види на премиера.
