Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Столтенберг: Ситуациите во Газа и Украина се различни, Украина никогаш не ја нападнала Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека ситуациите во Газа и Украина не се исти, бидејќи Украина никогаш не претставувала закана за Русија ниту ја нападнала, објави Ројтерс.

„Важно е да се каже дека ситуацијата во Газа и ситуацијата во Украина се различни на многу начини. Украина никогаш не претставувала закана за Русија, Украина никогаш не ја нападнала Русија, руската инвазија на Украина беше неиспровоцирана. Украина има право на самоодбрана и да го заштити својот територијален интегритет“, рече тој во Брисел на прес-конференција.

Во Брисел во тек е дводневна средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Столтенберг истакна дека министрите изразиле загриженост за војната на Блискиот Исток и го поздравиле продолжувањето на прекинот на огнот.

„Важно е овој конфликт да не ескалира во поголем регионален конфликт, нашата порака до Иран е дека не треба да ја користат нестабилноста“, рече шефот на НАТО и додаде дека цивилните животи мора да бидат заштитени во сите конфликти.

Министрите, според него, ја повториле поддршката за Украина во одбраната на земјата, но и на нејзиниот пат кон НАТО.

Тие разговараа и за „предизвиците што Кина ги претставува за евроатлантската безбедност“.

„Кина не е наш противник. И го поздравувам дијалогот на сојузниците со Пекинг за прашања од заеднички интерес. Во исто време, мора да бидеме јасни за влијанието на принудната политика на Кина врз нашата безбедност“, рече тој.

НАТО ќе остане регионален сојуз, но поради глобалните предизвици мора да соработува со партнерите, вклучувајќи го и Индо-пацификот, рече тој.

Тие разговараа и за предизвиците од јужното соседство, борбата против тероризмот, зајакнувањето на стабилноста и технолошките иновации.

Подоцна денеска министрите ќе ја разгледаат ситуацијата на Западен Балкан, а утре ќе се состане Советот НАТО-Украина на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Треба да знаете
Moже да ве интересира