Струмичките земјоделци бараат 50 денари за прва класа ајварка, втор ден на блокади

Земјоделците од Струмичко втор ден излегоа на протест, незадоволни од почетните откупни цени на пиперката „куртовска капија“, но и од неисплатените субвенции од минатата година. Денеска два часа ја блокираа крстосницата кај Робово, со што беше прекинат или пренасочуван сообраќајот кон Робово, Муртино и Банско.

Производителите бараат однапред утврдени откупни цени што би важеле во текот на целата сезона. Нивното барање е првата класа да се плаќа по 50 денари за килограм, мешаната прва и втора класа по 40 денари, а втората по 20 денари. Според нив, цената на ајварката годинава не треба да падне под 45 денари за килограм.

„Бараме зголемени и фиксно дефинирани цени и тие да важат за цела сезона“, изјави Гоце Јовев од здружението „Млади Муртино“. Земјоделците бараат и преработувачките капацитети да ги исплаќаат предадените количини во рок од три месеци, како и државата да ги исплати субвенциите за предаден килограм и за засеана површина.

Протестите започнаа откако дел од пиперката наменета за конзервната индустрија беше понудена за откуп по 25 денари за килограм. Производителите тврдат дека таквата цена не ги покрива ни трошоците, особено по штетите од невремето и растот на цените на репроматеријалите и горивата. За истиот период од минатата година, според нив, откупните цени сега се пониски за околу 20 проценти.

Лани за „куртовска капија“ беа договорени цени од 45 денари за прва класа, 35 денари за мешана прва и втора, 20 денари за втора и 15 денари за трета класа, додека екстра класата достигнуваше 50 до 55 денари за килограм.

Земјоделците два дена бараат средба со министерот за земјоделство Борче Серафимовски и очекуваат државата, производителите и откупувачите да седнат на заедничка маса. За денеска е најавено негово доаѓање во Струмица и средби со производителите, откупувачите и преработувачите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?