Суданскиот конфликт се заканува да се претвори во најголемата светска криза со глад

 Извршната директорка на Светската програма за храна, Синди Мекејн денеска изјави дека конфликтот во Судан, кој трае речиси една година, се заканува да се претвори во најголема светска криза со глад.

– Борбите во Судан ги уништија животите на милиони луѓе, наведе Мекејн по посетата на соседен Јужен Судан, каде што стотици илјади Суданци избегаа од војната во нивната матична земја.

Според Светската програма за храна околу 18 милиони луѓе во Судан се соочуваат со глад.

Мекејн ги повика завојуваните страни да престанат со борбите и да дозволат хуманитарните агенции да ја пружат потребната помош за настраданото население.

Судан е зафатен од насилство од средината на април, кога тензиите меѓу официјалната армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало ескалираа во отворени борби.

Оттогаш, борбите се проширија во неколку делови на земјата, при што главниот град Картум и соседниот Омдурман станаа урбано бојно поле. Конфликтот, исто така, поттикна етничко насилство во западниот судански регион Дарфур.

Според последните податоци на ОН, речиси 10 милиони луѓе се раселени во Судан поради борбите, од кои 4,3 се внатрешно раселени во Судан, а 1,2 милиони побегнале во соседните земји. Во конфликтот загинаа меѓу 10.000 и 15.000 луѓе, а повеќе од 12.000 беа повредени.

Треба да знаете
Moже да ве интересира