Судовите и обвинителствата против законите што Владата ги нарекува реформа

минималната

Судовите и обвинителствата се спротивставија на законите што Владата ги претставува како дел од реформската агенда, откако на јавната расправа во Собранието претставници на судската и јавнообвинителската служба предупредија дека предложените решенија можат да ја уназадат независноста на правосудството, наместо да ја зајакнат. Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба предизвикаа остри реакции бидејќи, според службите, не ги решаваат клучните проблеми со статусот, платите, кадарот и функционалноста на системот.

Јавната расправа во Собранието покажа дека реформата што Владата ја турка како европска обврска нема поддршка од луѓето што треба секојдневно да ја спроведуваат. Претставници од судовите и обвинителствата порачаа дека дел од текстовите не се исти со оние што биле работени во работните групи и дека нивните претходно усогласени забелешки не се вградени во финалните верзии.

Од судската служба предупредија дека предложениот модел создава поделба меѓу вработените. Според нив, како судски и јавнообвинителски службеници се препознава само дел од стручната служба, додека останатите вработени се туркаат кон статус поврзан со административните службеници, иако работат во институции што треба да бидат самостојна и независна судска власт.

Христина Палчевска од Основниот граѓански суд Скопје оцени дека ваквото регулирање на статусот ќе ја усложни, а можеби и ќе ја оневозможи непречената работа на судовите. Таа посочи дека предлог-законот не ја унапредува положбата на судската служба и дека предложените решенија не се применливи за практиката во судовите.

Една од најсериозните забелешки е можноста голем дел од вработените во судовите да потпаднат под правила што се поврзани со административната служба. Претставниците на службите предупредија дека тоа може да значи директно мешање на извршната власт и нарушување на финансиската и институционалната независност на судството.

Незадоволство има и околу платите. Службениците сметаат дека предлогот не го вреднува правилно трудот, сложеноста на работните задачи и одговорноста што ја носат вработените во правосудството. Наместо систем што ќе ја препознае специфичноста на судската и обвинителската работа, според нив, се задржува модел што не ја подобрува положбата на вработените.

Посебно беше отворено и прашањето за ИТ-кадарот. Од судовите предупредија дека информатичарите си заминуваат поради неконкурентни плати и нерешен статус, иако тие се клучни за функционирањето на дигиталните системи, меѓу кои и АКМИС. Во услови кога реформската агенда зборува за модерно и ефикасно судство, ваквиот пропуст ја погодува самата основа на дигитализацијата.

Забелешки пристигнаа и од јавните обвинителства. Маја Петрова од синдикатот на јавните обвинителства посочи дека вработените во обвинителствата работат со кривични предмети, докази, класифицирани информации и финансиски истраги, поради што нивната работа не може да се третира како класична администрација. Според неа, не може да има силно и независно јавно обвинителство ако статусот на луѓето што го носат системот останува на маргините.

Обвинителката Фатиме Фетаи оцени дека во јавната расправа не се слушнал ниту еден позитивен коментар за предложените закони. Таа предупреди дека во образложението се зборува за зајакнување на капацитетите и самостојност, но во практиката се гледа одлив на кадар, механизми на контрола и решенија што не го решаваат суштинскиот проблем.

Од Министерството за правда тврдат дека законите се усогласени со реформската агенда и дека треба да обезбедат поголема автономија и јасно раздвојување на судските и јавнообвинителските службеници од класичната администрација. Заменик-министерот за правда Ален Деребан рече дека дел од забелешките се прифатливи и дека можат да бидат преточени во амандмани.

Но, дилемата останува отворена: ако законите се носат за да го зајакнат правосудството, тогаш нивната прва проверка не е во роковите од реформската агенда, туку во тоа дали ги прифаќаат луѓето што секој ден ги движат судовите и обвинителствата. Без нивна доверба, секоја реформа ризикува да остане само владина формулација без вистински ефект во системот.

Најчитано