Сунак ја откажал утрешната средба со Мицотакис во Лондон

Британскиот премиер Риши Сунак ја откажал утрешната средба во Лондон со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, како што самиот премиер на Грција соопшти вечерва, коментирајќи дека му пречи фактот што домаќинот ја откажал средбата само неколку часа пред да се одржи, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека „Грција и Британија ги обединуваат традиционалните врски на пријателство“, а рамката на билатералните односи е исклучително широка.

– Позициите на Грција по прашањето за скулптурите на Партенон се добро познати. Се надевав дека ќе имам можност да разговарам за нив и со мојот британски колега, заедно со големите предизвици на меѓународната сцена: Газа, Украина, климатската криза, миграцијата. Секој кој верува во исправноста и праведноста на своите позиции никогаш не се плаши од конфронтација на аргументи, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер од вчера е во тридневна работна посета на Лондон, попладнево се сретна со лидерот на опозицијата Кир Стармер, а за утре беше закажана средбата со британскиот премиер, средба која сепак нема да се одржи.

Во вчерашното интервју за Би-би-си, Мицотакис се осврна на скулптурите од Партенон, посочувајќи дека треба да се вратат во Грција, односно во Музејот на Акропол и истакна дека „тука не станува збор за враќање на предмети од спорна сопственост“.

-Сметаме дека овие скулптури ѝ припаѓаат на Грција и дека во суштина се украдени, така што ова, според мене, не е прашање на сопственост, прашањето е нивното повторно обединување, рече Мицотакис.

Објасни дека случајот со скулптурите е исто како на пример Мона Лиза да се пресече на пола и едната половина, како што рече да биде во Лувр, а другата во Британскиот музеј.

-Токму ова се случи со скулптурите од Партенон и затоа продолжуваме да притискаме за договор кој во суштина ќе биде партнерство меѓу Грција и Британскиот музеј, но кој ќе ни овозможи да ги вратиме скулптурите во Грција, објасни грчкиот премиер во интервјуто.

Треба да знаете
Moже да ве интересира