Најголемата спортска сала во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од денеска почнува да работи со новото име Т Арена и со нов визуелен идентитет, како дел од партнерството меѓу Македонски Телеком и спортскиот центар.

Почетокот на новата сезона ќе биде одбележан на 2 септември со концерт на македонски изведувачи, посветен на 35-годишнината од независноста на Македонија. Настанот е дел од програмата на Владата за одбележување на јубилејот, а ќе се реализира со поддршка од Македонски Телеком. Деталите за учесниците и програмата дополнително ќе ги соопшти организаторот.

Новото име на салата беше најавено на 19 јуни, кога Македонски Телеком и СЦ „Борис Трајковски“ го објавија почетокот на стратешкото партнерство. Според најавите, соработката треба да вклучи инвестиции во постојните капацитети и развој на дополнителни услуги за посетителите.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, изјави дека Т Арена треба да биде простор за одбележување значајни јубилеи, спортски успеси, концерти и други настани што ја обединуваат јавноста.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, најави нов инвестициски циклус за зајакнување и проширување на капацитетите на центарот. Тој посочи дека салата и натаму ќе се користи за натпреварите на македонските спортски репрезентации, како и за големи музички и културни манифестации.
Со почетокот на работата на Т Арена, корисниците на програмата Magenta Moments на Македонски Телеком ќе добијат попуст од 20 проценти за користење дел од капацитетите на СЦ „Борис Трајковски“. Најавени се и дополнителни поволности поврзани со настаните во салата.

