Облак од чад создаден од големиот пожар во индустриската зона Ореокастро кај Солун, носен од силниот ветер, се прошири низ Грција и стигна до западните делови на Атика и Коринтија на Пелопонез.
Најголемите концентрации на чад и штетни честички биле регистрирани над Солун и Термајкоскиот Залив. При движењето преку Тесалија и централна Грција, облакот постепено се разредувал, па во јужните региони предизвикал главно заматување на атмосферата, без истото ниво на токсичност како во непосредната близина на пожарот.
Пожарот избувнал во саботата вечерта во близина на Ореокастро и брзо се проширил кон индустриски објекти. Огнот зафатил погон за рециклирање и други производствени капацитети, каде гореле пластика, автомобилски гуми, текстил и други индустриски материјали.
Горењето на големи количества пластика и рециклирачки отпад создало густ црн чад што го прекрил Солун. Жителите биле повикани да останат во затворени простории, да ги затворат прозорците и вратите и да избегнуваат непотребно движење на отворено.
Посебна претпазливост им била препорачана на децата, повозрасните лица, хронично болните и граѓаните со астма или други респираторни проблеми.
Преку системот за итни предупредувања 112 биле издадени наредби за евакуација на жителите од Антуполис и Филотеј. Биле евакуирани и 157 лица од установа за хронично болни, откако пламените јазици се доближиле до објектот.
Во гаснењето учествувале околу 160 пожарникари со 52 возила и пет пешадиски противпожарни единици, како и авиони и хеликоптери. Неколку пожарникари биле пренесени во болница поради проблеми со дишењето и повреди здобиени за време на интервенцијата.
Според првичната процена на штетата, три компании биле целосно уништени, уште три објекти биле делумно оштетени, а штета била регистрирана и во надворешните делови на две куќи. Нема целосно изгорени станбени објекти.
Пожарот во погонот за обработка на масла бил изгаснат, но пожарникарите не можеле веднаш да влезат во објектот поради опасност од уривање. Во фабриката за рециклирање останале помали жаришта во натрупаниот отпад, поради што екипите почнале да ги затрупуваат запалените материјали со земја за да го прекинат дотокот на кислород.
Грчките служби продолжуваат да го следат движењето на чадот и квалитетот на воздухот. За жителите во Атика и Пелопонез не е објавена наредба за евакуација, но ранливите категории се советуваат да ги ограничат подолгите активности на отворено.
