Трамп се закани: За секој ирански напад во Хормуз ќе уништиме по еден мост или електрана

Tрамп
Donald Tramp Foto: EPA/Samuel Corum / POOL

САД ќе уништуваат по еден мост или електрана секогаш кога Иран ќе пука врз брод во Ормускиот теснец, најави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.

Најновата закана на Трамп за напади врз цивилна инфраструктура доаѓа во време кога непопуларната војна ескалира без јасен излез, создавајќи ризик за дополнителни глобални економски нарушувања и предизвикувајќи раст на цените на горивата пред претстојните меѓуизбори во САД оваа есен.

Двете страни цврсто остануваат на своите позиции во спорот околу протокот, кој е клучен морски пат за глобалната енергија што останува главно затворен поради иранските напади, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

САД извршија уште еден бран воздушни напади врз Иран во ноќта кон средата, а противвоздушната одбрана отвори оган над главниот град Техеран. Иран лансираше ракетен напад врз јордански град на самата граница со Израел, а предупредувања беа издадени и во Бахреин и Саудиска Арабија.

Бидејќи преговорите се речиси во прекин, двете страни се обидуваат да стекнат предност со таргетирање цивилна инфраструктура. Иран одговори на американските напади со гаѓање енергетски објекти и постројки за десалинизација кои обезбедуваат вода за пиење во сушните соседни земји од Персискиот Залив.

Меѓународното право генерално ги забранува ваквите напади, освен ако инфраструктурата не се користи во воени цели. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во вторникот ги осуди овие напади нарекувајќи ги „неприфатливи“.

Најчитано