Три лица загинаа во поморска несреќа во близина на Сплит, помеѓу островите Шолта и Брач, а по едно лице сè уште се трага, соопшти хрватската полиција, јавува Н1 Загреб.
„Во поморската несреќа што се случи околу 11:38 часот во водите меѓу островите Шолта и Брач, загинаа три лица, а по едно лице сè уште се трага. На преостанатите патници на едрилицата (четири лица) им е укажана медицинска помош од страна на работници од Итната медицинска помош на местото на настанот и немало потреба од нивен транспорт до болница“, соопшти полицијата, според Н1 Загреб.
Во несреќата учествувале патнички брод во сопственост на домашна (хрватска, прим. Н1) приватна компанија и едрилица под француско знаме, која ги превезувала повредените патници и која потонала по судирот, објави ХРТ.
Министерството изјави дека во времето на несреќата на патничкиот брод имало 118 патници и седум членови на екипажот, додека на едрилицата имало осум лица.
Останатите четири лица од едрилицата беа извлечени од морето, а Сплитскиот клинички болнички центар соопшти дека повредените чешки државјани се надвор од животна опасност, според првичните информации.
Капетанот на пристанишната управа Жељко Куштера изјави дека јахтата имала уредна документација и потврди дека на бродот имало седум патници и капетан, додека на другиот брод имало 118 патници и седум членови на екипажот.
„Се собираат сите податоци, имаме податоци за бродот, бродот и јахтата се проверуваат. Јахтата беше моторизирана. Пловеше под странско знаме, имаше вињета, на бродот имаше осум странски државјани. Во овој момент не зборуваме за националност бидејќи Министерството мора да го информира конзулатот, сите се странци“, рече тој, пренесе Н1 Загреб.
Тој исто така рече дека „никогаш не доживеал нешто вакво во својата повеќе од триесетгодишна кариера“.
Катамаранот сообраќал на редовна патничка линија.
