Во попладневните часови денеска, 17 јуни, во повеќе делови од Македонија се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
На одделни места атмосферските процеси може да бидат поинтензивни, со пообилни врнежи и услови за појава на град. Поради локалниот карактер на нестабилноста, интензитетот и времетраењето на врнежите може значително да се разликуваат меѓу различни подрачја.
Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно и топло, со сончеви периоди. Максималните дневни температури ќе се движат од 25 до 31 Целзиусов степен, додека утринските температури се во интервал од 10 до 17 степени.
Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, кој во подрачјата зафатени со нестабилност може краткотрајно да се засили.
Во Скопје се очекува променливо облачно и топло време со сончеви периоди. Попладне, во делови од котлината, ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура во главниот град ќе изнесува околу 15 степени, а максималната ќе достигне до 31 степен.
