Планинар со силни болки во градите е успешно спасен од непристапен терен на планината Бистрица, по координирана интервенција на службите за спасување.
По добиената дојава, на терен веднаш биле упатени тимови кои го лоцирале планинарот и му укажале прва помош. Поради сомнеж за сериозна здравствена состојба и непристапноста на теренот, била организирана итна евакуација до место од каде што можел безбедно да биде преземен од екипа на Итната медицинска помош.
Во акцијата учествувале припадници на Планинската спасувачка служба, кои со специјализирана опрема го транспортирале повредениот низ тешко прооден планински предел. Благодарение на брзата реакција и координацијата меѓу спасувачките екипи, планинарот бил безбедно извлечен и предаден на медицинскиот персонал за понатамошен третман.
Од Планинската спасувачка служба апелираат граѓаните пред поаѓање на планина да ја следат временската прогноза, да носат соодветна опрема и навремено да ги информираат своите блиски за планираната маршрута, особено при движење по потешко достапни планински патеки.
