Утре ново поскапување на горивата

Србија

Возачите во Македонија се пред нов ценовен удар. Регулаторната комисија за енергетика во понеделник, 20 јули, треба да ја објави редовната пресметка за бензините и дизелот, а движењата на меѓународните пазари укажуваат дека цените повторно ќе одат нагоре.

Овојпат најавата не доаѓа само од пазарните очекувања. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека поскапување ќе има, иако сè уште не е направена конечната пресметка за тоа колкав ќе биде растот. Како причини ги посочи драматичното зголемување на цените на нафтата и на бензините во изминатата недела, како и промената на курсот на американскиот долар.

Точниот износ ќе биде познат дури по одлуката на РКЕ. До тогаш не може да се тврди дали новото зголемување ќе биде за половина денар, неколку денари или различно за секој дериват. Методологијата не се заснова само на цената на суровата нафта, туку и на референтните цени на готовите горива на светскиот пазар, курсот на денарот кон доларот, транспортните трошоци, трговската маржа, акцизите и даноците.

На бензинските станици во моментов ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по највисока цена од 87 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 89 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ по 88 денари. Екстра лесното масло за домаќинство чини 86 денари за литар. Тоа се цените што РКЕ ги утврди на 13 јули, а почнаа да се применуваат од полноќ на 14 јули.

Последната корекција веќе донесе силен удар, особено за корисниците на дизел. За само една недела дизелот поскапе за 5,5 денари за литар, бензините за 1,5 денар, а екстра лесното масло за 4,5 денари. Просечното зголемување на малопродажните цени изнесуваше 3,59 проценти.

Причината за толку големиот скок на дизелот беше растот на неговата референтна берзанска цена за 11 проценти. Во истата пресметка бензините на светскиот пазар поскапеа за околу 3,5 проценти, а екстра лесното масло за повеќе од девет проценти. Тоа покажува дека цените на пумпите не мора да се движат еднакво за сите горива, дури и кога суровата нафта расте.

Од тогаш условите на светскиот пазар дополнително се влошија. Цената на нафтата „брент“ на 6 јули изнесуваше 71,99 долари за барел, а на 17 јули достигна 88,10 долари. За помалку од две недели цената се зголеми за повеќе од 16 долари, под притисок на обновените судири меѓу САД и Иран, намалениот проток низ Ормускиот Теснец и стравувањата дека воената криза може да ги загрози и рутите низ Црвеното Море.

Само во последната недела „брент“ поскапе за околу 16 проценти. Дополнителен проблем за Македонија е тоа што нафтата и дериватите се пресметуваат во долари. Дури и мало зајакнување на американската валута ја зголемува денарската набавна цена, независно од движењето на самиот производ.

На 17 јули средниот курс на доларот изнесувал 53,6799 денари, според курсната листа на Народната банка. Последната пресметка на РКЕ била направена со просечен курс од 53,9531 денар за долар. Курсот не е главниот двигател на новото поскапување, но во комбинација со силниот раст на берзанските цени може дополнително да влијае врз конечната пресметка.

Владата како можен одговор најави намалување на акцизите, но засега нема донесена и објавена одлука, ниту е соопштено за колку би се намалиле давачките и од кога би важела мерката. Во актуелната цена утврдена од РКЕ, акцизата изнесува 22 денари за литар кај двата бензина и 15,5 денари кај дизелот и екстра лесното масло.

Најчитано