Вчера беше еден од најтешките денови во Македонија, со пожари на над 15 локации

Македонија

Македонија зад себе остави еден од најтешките денови во оваа пожарна сезона. Вчера, 22 август, во попладневните часови истовремено беа активни повеќе од 15 пожари на отворено, а на неколку места огнот се доближи до населени места.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека станува збор за еден од најтешките денови од почетокот на сезоната, поради големиот број истовремени жаришта, високите температури, сувата вегетација и ветерот кој постојано го менувал правецот.

Најкритично беше во Струмичко, каде пожарот меѓу Баница, Водоча и Софилар се доближи до куќите. На терен беа пожарникари од повеќе градови, доброволни екипи, механизација и противпожарен авион. Со противпожарни пресеци беше спречено пламенот да навлезе подлабоко во населените места.

Тешка состојба имаше и во Прилеп, каде пожарот во близина на градските гробишта ја загрозуваше викенд населбата. До вечерните часови огнот беше ставен под контрола.

Активни жаришта имаше и во Желино, Маврово и Ростуше, над Драчево, на Китка, како и во повеќе делови од западна и централна Македонија.

Податоците покажуваат колку брзо се менувала состојбата. Во утринскиот пресек на ЦУК биле активни девет пожари, а до попладневните часови бројот се искачил на повеќе од 15.

За утрово, 23 август, најважно е следењето на пожарите кои не беа целосно изгаснати во текот на ноќта, особено во шумските и планинските подрачја каде пристапот е тежок.

Надлежните повторно апелираат да не се пали оган на отворено и да се избегнува секоја активност што може да предизвика искра, бидејќи во сегашните услови и мал пожар може за кратко време да прерасне во големо жариште.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?