Вештачката интелигенција првпат дизајнираше функционални вируси

Научници од Универзитетот Стенфорд со помош на вештачка интелигенција успеале да дизајнираат целосни геноми на вируси кои потоа функционирале во лабораторија, што претставува нов чекор во развојот на синтетичката биологија.

Станува збор за бактериофаги, вируси кои инфицираат бактерии, а не луѓе. Истражувачите добиле 16 функционални нови фаги, кои во лабораториски тестови успеале да уништат соеви на бактеријата E. coli, вклучително и такви кои покажувале отпорност кон природни бактериофаги.

„Способноста брзо да се дизајнираат геноми и тие да се приспособуваат кон конкретни бактерии може да ја трансформира фагната терапија“, наведуваат истражувачите во трудот објавен во Science.

Фагната терапија се истражува како можен начин за лекување бактериски инфекции кои стануваат отпорни на антибиотици. Наместо антибиотик, се користат вируси кои селективно ја напаѓаат бактеријата што ја предизвикува инфекцијата.

Истражувањето, сепак, отвори и сериозни прашања за биолошката безбедност. Научниците намерно исклучиле генетски податоци за вируси што ги инфицираат луѓето, животните и растенијата од податоците користени за развојот на системот.

Експертите од Центарот за здравствена безбедност при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ предупредуваат дека технологијата напредува побрзо од правилата за нејзина контрола.

„Способноста со генеративна вештачка интелигенција да се составуваат вирусни геноми веќе постои, но управувањето кое треба безбедно да ја насочува сè уште не постои“, предупредија експертите.

На ризикот укажува и американскиот Национален институт за стандарди и технологија, според кој развојот на ВИ во биологијата бара нови механизми за проверка на синтетички генетски материјал, бидејќи идните дизајни не мора да личат на веќе познати опасни секвенци.

Самото истражување покажува и дека технологијата сè уште е во рана фаза. Од стотици избрани дизајни само 16 резултирале со функционални вируси. Истражувачите нагласуваат и дека бактериофагите што биле користени се меѓу наједноставните вирусни системи.

Откритието затоа истовремено отвора две насоки: можност ВИ да помогне во развојот на нови терапии против бактерии отпорни на антибиотици и потреба од построги правила за употребата на генеративната технологија во синтетичката биологија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?