Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре, 8 август, треба првпат да ја посети Србија откако е претседател на Украина, во момент кога Белград се обидува да одржи односи и со Киев и со Москва.
Информацијата ја објави „Киев индипендент“, повикувајќи се на висок украински функционер, а посетата ја потврдуваат и извори на агенцијата АФП. Засега нема официјално објавена програма од кабинетите на Зеленски и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Посетата ќе биде прва на Зеленски во Србија откако тој стана претседател во 2019 година. Таа доаѓа помалку од еден месец по посетата на Вучиќ на Киев, каде што српскиот претседател учествуваше на Самитот Украина – Југоисточна Европа.
На самитот Србија беше единствената земја учесничка што не ја потпиша заедничката декларација со која се осудува руската агресија и се бара Москва целосно да ги повлече своите сили од Украина. Вучиќ тогаш рече дека во Киев ги претставувал позициите и националните интереси на Србија.
Истовремено, Вучиќ и Зеленски разговарале за меѓусебната поддршка за територијалниот интегритет на двете земји, европската интеграција, трговијата и економската соработка. По средбата Вучиќ јавно го покани украинскиот претседател да го посети Белград.
Од Киев уште во мај беше најавено дека Украина и Србија сакаат да ги зајакнат билатералните односи. По телефонски разговор меѓу двајцата претседатели, кабинетот на Зеленски соопшти дека двете страни гледаат простор за обновување на преговорите за слободна трговија и продлабочување на економската соработка.
Посетата има дополнителна политичка тежина поради односите на Србија со Русија. Белград не воведе санкции против Москва по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година и продолжи да одржува блиски енергетски и политички врски со Русија. Од друга страна, Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина и не ја признава руската анексија на украинските територии.
Зеленски и Вучиќ и претходно се среќаваа на меѓународни собири. Во август 2023 година разговараа во Атина, а тогаш и двајцата ја оценија средбата како отворена и конструктивна.
Доколку посетата утре се реализира според најавата, тоа ќе биде прво доаѓање на украинскиот претседател во Белград и нов чекор во односите меѓу двете земји по повеќегодишното внимателно балансирање на Србија меѓу Киев, Москва и Европската Унија.
