„Температура во клубот („Пулс“) има достигнато минимум 800 степени целзиусови. Како доказ за тоа, ни послужи и тоа што голем дел од челичната конструкција на објектот се извитоперени и деформирани како последица на вака високите температури, а наидовме и на стопени стаклени шишиња што е последица на екстремно високи температури“.
Ова е дел од изјавата на професорот на Градежен факултет д-р Горан Марковски, кој како лидер на тимот вештаци, сведочеше во судот за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Вештаците констатирале дека од противпожарна заштита во објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс” биле преземени нула мерки.
Објектот имал нула прописни излези за евакуација, а кобната вечер во објект со капацитетот за 363 гости гости, имало над 600 посетители.
„Објектот немал каде да дише. Целата температура се задржувала внатре. Ниту една мерка немало преземено која би го олеснила ризикот или ефектите од појавата на пожарот. Напротив одредени мерки само ја мултиплицирале температурата и направиле внатре да биде неподносливо“ , сведочеше Марковски.
Од материјалите што биле доставени, било констатирано дека имало вграден стрипор, што се класифицира како горлив материјал и испушта токсичен чад и горливи капки.
„Сето ова е поврзано со градежните аспекти и води кон последицата што се случи. Што друго можеме да очекуваме, не само за овој, туку и за други објекти, ако биде изведен без проект и стручен надзор освен тоа да ни се врати како бумеранг“, изјави Марковски пред судот.
Наместо соодветна вентилација за гоемината на објектот имало четири вентилатори, а во однос на противпожарната заштита, Марковски рече дека објектот требало да биде поделен на сектори при што бината требало да биде изолирана како посебен пожарен сектор со фиксен систем за гаснење.
„За жал во овој случај жариште на пожарот е токму над бината. Да била поделена како примарен сектор, ширењето на пожарот во останатиот дел од објектот би било спречено и последиците помали“, изјави пред судот професорот Горан Марковски во име на тимот вештаци од Градежниот факултет во Скопје.
Тој уште го искажа експертското мислење и непостоењето на функционален систем за одвод на чад и вентилација, дека немало панично светло, дојава за пожар и дека немало хидрантска мрежа, односно дека имало еден хидрант внатре што не бил во функција.
Вештаците уште констатирале дека во објектот имало два противпожарни апарати наместо пропишаните четири. Во објектот бил вграден полиетиленски сунѓер што е лесно запалив наместо графитен сунѓер што бил наведен во основниот проект.
Судењето што го води судијката Дијана Груевска-Илиевска следното рочиште го закажа за 12 август.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
