Вишиот суд во Белград на повтореното судење ги осуди родителите на малолетникот кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е изречена казна од 14 години и шест месеци затвор, додека Миљана Кецмановиќ е осудена на две години и 11 месеци. Вкупната затворска казна за двајцата изнесува 17 години и пет месеци.
Пресудата не е правосилна и против неа може да бидат поднесени жалби, по кои ќе одлучува Апелациониот суд во Белград.
Таткото на К.К. беше обвинет за тешко дело против општата безбедност, како и за запуштање и занемарување на малолетно лице. Мајката во повторената постапка одговараше само за запуштање и занемарување на детето.
Обвинителството побара Владимир Кецмановиќ да биде осуден на 14 години и 11 месеци затвор, а за Миљана Кецмановиќ беше предложена тригодишна затворска казна.
Станува збор за повторена постапка, откако Апелациониот суд во ноември 2025 година укина дел од претходната првостепена пресуда поради суштински повреди на кривичната постапка и го врати предметот на повторно одлучување.
Со претходната пресуда Владимир Кецмановиќ исто така беше осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека неговата сопруга доби три години. Во новата пресуда казната за мајката е намалена за еден месец.
Апелациониот суд претходно ја намали и казната на Немања Маринковиќ, инструктор во стрелачкиот клуб „Партизан“, каде што таткото го носел синот да вежба пукање. Неговата казна од една година и три месеци затвор беше заменета со една година домашен притвор.
Сопственикот на стрелачкиот клуб, Ратко Ивановиќ, кој признал дека дал лажен исказ, беше осуден на пет месеци домашен притвор.
Во масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ беа убиени девет ученици и училишниот чувар, а беа повредени уште шест лица.
К.К. во моментот на нападот имал 13 години и, според српското законодавство, не можел кривично да одговара бидејќи бил под законски утврдената возраст од 14 години.
Случајот предизвика длабок потрес во Србија и во целиот регион и повторно ги отвори прашањата за одговорноста на родителите, безбедното чување оружје и заштитата на децата од насилство.
