Осумнаесет нови позиции во Владата се отворени преку огласи за вработување административни службеници, во период кога извршната власт најавува реформа, рационализација и намалување на јавниот сектор. Наместо кратење на преобемната администрација, институциите продолжуваат да бараат нов кадар, со плати од околу 29.000 до над 38.000 денари.
Огласите се однесуваат на 18 различни работни позиции, а за дел од нив е предвидено ангажирање на повеќе од едно лице. Се бараат референти, помлади соработници и советници во повеќе одделенија на Владата.
Меѓу отворените места се самостоен референт за контрола на материјално-финансиски документи, самостоен референт за услуги со фиксна и мобилна телефонија, референт за ликвидатура и обработка на финансиско-материјални документи, како и референт за набавка на прехранбени производи и пијалаци.
Платата за овие работни позиции изнесува 29.669 денари. За помлад соработник за сајбер-безбедност, помлад соработник за контрола на набавките и помлад соработник за собирање и анализа на податоци е предвидена плата од 32.012 денари.
Меѓу подобро платените позиции се советник за финансиско-материјално работење, советник за вработување и советник за внатрешна ревизија. Кандидатите што ќе бидат избрани на овие места ќе добиваат плата од 38.222 денари.
Од кандидатите се бара да бидат македонски државјани, да го користат македонскиот јазик, да бидат полнолетни и здравствено способни и да немаат судска забрана за вршење професија или дејност.
За дел од позициите се бара високо образование, положен испит за административно управување, познавање странски јазик и активно користење компјутерски програми за канцелариско работење. За некои работни места не е неопходно претходно работно искуство.
Новите огласи се објавуваат во услови кога точниот број вработени во јавната администрација не е целосно и редовно претставен пред јавноста, иако со години се зборува за превработеност, партизација и потреба од рационализација.
Во 2025 година бројот на избрани кандидати за административни службеници бил зголемен за 132,62 проценти во споредба со претходната година. Огласи за нови вработувања во последниот период објавуваа и општини, училишта, Собранието, Управата за јавни приходи, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и други државни институции.
Додека реформата на јавната администрација останува едно од клучните барања во европскиот процес, Владата продолжува да отвора нови работни места без јавно да покаже колку позиции биле укинати, колку вработени се прераспределени и дали претходно била направена функционална анализа за реалните кадровски потреби.
