Изградбата на главната делница од автопатот Скопје-Блаце треба да почне во август, шест години по стартот на работите на првите километри од трасата кон границата со Косово.
Новата делница ќе биде долга 10,5 километри и ќе се протега од клучката Стенковец до Блаце. За изведувач е избран конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“, а изборот на надзорната компанија сè уште е во постапка на евалуација.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, најави дека градежните активности ќе започнат во август и дека автопатот треба да биде завршен за четири години. Министерот за транспорт Александар Николоски во јуни наведе пократок рок од три и пол години.
Станува збор за сложена траса по падините на Скопска Црна Гора. Проектот предвидува пет тунели, 12 мостови, две галерии и повеќе помали инфраструктурни објекти, или вкупно околу 40 објекти долж делницата.
Изградбата ќе биде финансирана главно со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 167,6 милиони евра. Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан обезбедува 20,8 милиони евра инвестициски грант и дополнителни 8,8 милиони евра за подготовка, спроведување и надзор на проектот. Вкупниот европски финансиски пакет изнесува 197,2 милиони евра.
Новиот автопат ќе има по две сообраќајни ленти во секоја насока и ќе се гради паралелно со постојниот пат кон Косово, кој е изграден пред повеќе од 50 години и не ги исполнува современите стандарди за капацитет и безбедност.
Целата автопатска врска од Стенковец до граничниот премин Блаце треба да достигне околу 12 километри. Првата делница, од граничниот премин до клучката Блаце, почна да се гради во мај 2020 година со средства на ЈП за државни патишта.
За шест години беа изградени околу два километри, но делницата не беше пуштена во употреба бидејќи не е функционално поврзана со преостанатиот дел од автопатот.
Од другата страна на границата, Косово веќе го има изградено автопатот „Арбен Џафери“, кој на должина од околу 65 километри ја поврзува Приштина со граничниот премин Блаце.
Со завршувањето на македонскиот дел треба да се воспостави целосна автопатска врска меѓу Скопје и Приштина, да се намали времето на патување и да се олесни транспортот на патници и стока.
Николоски изјави дека трасата е значајна и за поврзувањето на Македонија со Црна Гора и пристаништето Бар, кое би можело да стане дополнителен излез кон море за македонските компании.
Автопатот е дел од Трансевропската транспортна мрежа и од регионалната рута што преку Косово го поврзува Скопје со пошироката патна мрежа на Западен Балкан. Според европските финансиски институции, проектот треба да ја подобри безбедноста, да го забрза прекуграничниот сообраќај и да ја поддржи трговската размена меѓу Македонија и Косово.
