Во Грција се смрзнуваат цените, во Македонија уште се размислува

платите

Додека македонската Влада одржува состаноци, прави анализи и им испраќа предупредувања на трговците, Грција обезбеди јавно преземена обврска од супермаркетите и прехранбената индустрија дека во јули и август нема да има нови поскапувања.

По состанокот во палатата „Максимос“, предводен од премиерот Киријакос Мицотакис, грчкиот министер за развој Такис Теодорикакос соопшти дека цените на полиците ќе бидат целосно стабилизирани во двата летни месеца. Од септември е најавено значително поевтинување на основните производи што најчесто ги купуваат домаќинствата.

Грчкото „замрзнување“ не е класична административна забрана утврдена со закон. Станува збор за договор и јавна обврска на трговските синџири и производителите, постигнати под директен притисок на Владата.

Обврската ги опфаќа и околу 2.000 производи чии цени во претходните месеци биле намалени во просек за шест проценти. Трговците се согласиле овие намалувања да останат во сила во текот на целото лето.

Истовремено, Атина подготвува нов договор за септември, кој треба да донесе дополнително намалување на цените на основните прехранбени и потрошувачки производи. Владата јавно ги соопшти роковите, бројот на производи и очекуваниот резултат.

Во Македонија засега нема одлука за замрзнување на цените, ограничување на маржите или задолжително поевтинување на конкретни производи.

Премиерот Христијан Мицкоски на 22 јуни ги повика маркетите, дистрибутерите и производителите да ги намалат цените, порачувајќи дека Владата ќе интервенира доколку тоа не се случи. По средбата со претставниците на најголемите трговски синџири, острата порака беше заменета со заеднички договор за посакувана статистичка цел.

Целта е годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Најавени се дополнителни средби со производителите, добавувачите и дистрибутерите, а Државниот пазарен инспекторат треба да ги споредува набавните и продажните цени.

Но, целта за инфлација под три проценти не значи дека производите ќе поевтинат.

Цените може да продолжат да растат, но со побавна годишна стапка. Владата не објави листа на производи што треба да поевтинат, процент на намалување, обврзувачки рокови или санкции за трговците што нема да постапат според повиците.

Во Атина на потрошувачите им е соопштено дека во јули и август не треба да има нови поскапувања, дека намалувањата кај 2.000 производи ќе останат и дека од септември се подготвуваат дополнителни корекции.

Во Скопје се најавуваат анализи, разговори и можни мерки, додека цените во маркетите остануваат препуштени на договорите со трговците.

Официјалните податоци покажуваат дека годишната инфлација во Македонија во мај изнесувала 4,8 проценти, а храната и безалкохолните пијалаци биле поскапи за 4,7 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Министерството за економија во април соопшти дека просечната трговска маржа кај анализираните основни производи се намалила од 16,28 на 15,80 проценти. Сепак, Владата подоцна повторно побара од маркетите намалување на цените, што покажува дека претходните разговори и анализи не донеле доволно видлив резултат на полиците.

Според Сојузот на синдикатите, на едно четиричлено семејство во јуни му биле потребни најмалку 68.654 денари за покривање на основните месечни трошоци.

Најчитано