Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вработени во Агенцијата за разузнавање: Најавената реформа со укинување на АР и на АНБ е вовед во партизација на службите

До редакцијата на Рацин.мк, и до повеќе други медиуми, тукушто пристигна мејл од група вработени во Агенцијата за разузнавање, за кој групата вработени замолуваат содржината да се објави во јавност.

Рацин.мк провери дали зад „групата вработени“ стојат автентични личности вработени во Агенцијата за разузнавање и заради сериозните наводи во текстот, редакцијата реши да го објави известувањето во целост:

Известување до медиумите, ќе ве замолиме да се објави во целост.

И З В Е С Т У В А Њ Е

Почитувани медиуми, македонска јавност, 

Агенцијата за Разузнавање е оформена во 1995 година како посебен орган од државна управа, а ефективно функционира од 1997 година. Создадена е во едно тешко време за тогаш нашата скоро осамостоена држава. Агенцијата за Разузнавање била и е првиот и последниот обрач на одбрана на Република Македонија. Иако за јавноста работата на Агенцијата е непозната, таа секогаш била на ниво на своите задачи, нејзините вработени бескомпромисно и пожртвувано одговориле на повикот на својата татковина. Секој вработен, знаејќи за природата на оваа работа, најчесто заборавен, со минимум ресурси и минимална институционална поддршка го носел својот товар достоинствено. Со ова писмо сакаме да ја информираме јавноста, дека се спрема предавство врз Република Македонија, односно безбедносниот сектор на оваа држава, што според нас е темелот врз кој Македонија постои. До нас секојдневно пристигнуваат информации од земји членки на НАТО, како државниот врв спрема укинување на Агенцијата за Разузнавање. Укинувањето не е никаква реформа, туку е воведување на Република Македонија во автократија и партиска контрола. Целта на државниот врв е да се партизира и она малку што е останато професионално, се со цел да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја. Во информациите што пристигнаа до нас, јасно се гледа дека Премиерот планира да ја укине Агенцијата за Национална Безбедност и Агенцијата за Разузнавање и да воспостави нова партиска служба, која нема да им служи на сите граѓани туку само на политичкиот врв. Лицата кои го спремаат новиот закон се лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во обвинителство. Не се вклучени експерти од пошироката јавност, туку само партиски послушници и криминалци. Ароганцијата и желбата за воспоставување на тиранија водат до таму што лицето кое треба да биде на чело на оваа нова служба не е од безбедносниот сектор и е во приватни блиски релации со Премиерот на Република Македонија, а моментално работи во една компанија како шеф на маркетинг. Во моментов Република Македонија е соочена со голем број предизвици од разни страни, каде Агенцијата за Разузнавање е и повеќе од потребна, само неук или компромитиран човек би сакал нејзино укинување. Голема е и желбата на одредени центри на моќ да ја нема Агенцијата за Разузнавање, за жал Премиерот на Република Македонија, е на нивна страна.

Апелираме до Претседателката Гордана Силјановска да се спротивстави на оваа одлука и да го спречи укинувањето на Агенцијата за Разузнавање. Ние ги имаме сите информации кои соодветно ќе бидат употребени во рамки на нашите можности да ја информираме јавноста какво предавство сака да направи оваа влада. Во наредниот период очекуваме и политички апсења внатре во Агенцијата за Разузнавање. Тоа што ни еден непријател не успеал да го направи изминатите година, во моментов го прави оваа влада. Дополнително, познати ни се одредени нелегални активности и во врвот на Агенцијата, како и партиски активности, кои се забранети според законот за АР, но тие работи ќе ги решаваме на институционален начин. Очигледно е дека новопоставената Директорка и Заменик Директорка, работат за нечии лични и партиски интереси, а не за интересите на државата и Агенцијата.

За жал ова писмо моравме да го поднесеме анонимно бидејќи сме активно вработени во Агенција за Разузнавање и законот не дозволува поинаку.

Со почит,
Група Вработени во АР 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново