Вучиќ и Османи со меѓусебни обвинувања во ОН за „притисоци“ врз Србите од Косово

Меѓусебни обвинувањата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската претседателка Вјоса Османи можеа да се слушнат денеска (22 април) на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите Нации (ОН) посветена на Косово.

Османи обвини дека Белград „ја спречува интеграцијата на Србите во институциите на Косово“.

Таа изјави дека Србија ја „заплашува“ српската заедница на северот на Косово, а како пример го наведе неодамнешното апсење на косовски полицајци во Србија.

Заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ и четворица полицајци беа приведени на 17 април на граничните премини со Србија, а српската полиција соопшти дека се приведени за „безбедносни проверки“.

Османи обвини и оти Србија претходните денови на граница задржувала автобуси со патници од албанска националност.

Владата на Косово претходно овие постапки ги оцени како одмазда на Србија за поддршката дадена од Парламентарното собрание на Советот на Европа за членството на Косово во оваа организација.

„Србите во Косово се под притисок, но од страна на властите во Србија“, рече Османи.

Вучиќ за големото внимание на меѓународната јавност за инцидентот во Бањска

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, на седницата се пожали дека меѓународната заедница посветува големо внимание на инцидентот во Бањска на Косово, но не и на нападите врз српското малцинство.

Станува збор за инцидент од септември лани кога група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово при што беше убиен полициски наредник.

Вучиќ посочи дека овој инцидент е „последица на репресијата“ во Косово.

„Нема да дозволиме да се користи како алиби за прогон на Србите (на Косово)“, рече тој, додавајќи дека во Косово намерно се создаваат лоши услови за живот на српското малцинство.

Вучиќ рече и дека поминале 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, но оти Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово сè уште не е формирана.

„Тоа се единаесет години неисполнети ветувања, неспособност на Европската унија да ги придвижи работите од мртва точка“, рече Вучиќ.

Основањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население беше договорено од Косово и Србија со Бриселскиот договор во 2013 година, но властите во Косово се двоумат дали да го спроведат договорот, стравувајќи дека овластувањата што би ги имала оваа заедница би можеле да влијаат на функционалноста на државата.

Извор: Радио Слободна Европа

Треба да знаете
Moже да ве интересира