Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Забрчанец: Во Македонија ќе има инвестиции бидејќи сме држава членка на НАТО со надмината енергетска криза зад себе

Она прифаќање на уставното име нас Северна Македонија во извесен дел од страна на новата Влада и на новиот премиер, може да дава надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа големите чекори што претходната влада ги донела, порача Марјан Забрчанец, досегашен национален координатор во Владата во интервју за Слободен печат.

Според него, благодарение на тие чекори на претходната Влада денес во Македонија има сериозни странски инвестиции а државата е стабилна и безбедна.

„Ние плодовите од Преспа веќе ги уживаме, ние сме членка на НАТО, ние започнавме преговарачки процес и успешно завршивме скриниг процес, како нулта или прва фаза од преговарачкиот процес. Тоа немаше да биде можно доколку не се потпишеше Договорот од Преспа. Инвестиции ќе доаѓаат бидејќи станавме членка на НАТО, бидејќи зад нас имаме разрешена енергетска криза. Бидете сигурни дека инвестиции во Македонија ќе има особено поради тоа што сме стабилна безбедна држава членка на НАТО“, посочи Забрчанец.

Коментирајќи ја изборната кампања и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Слободен Печат, екс националниот координатор во Владата, Марјан Забрчанец, истакна дека играњето на база на негативни комуникации и конфликт буди чувства кај публиките, дека тоа е некогаш храна за народот, односно оној дел кој е десно ориентиран, но тоа е неодговорно однесување кон државата.

Запрашан за тоа што очекува од работата на новата Влада, Забрчанец истакна дека тој гледа ризици во неколку клучни сегменти.

„Јас гледам ризици, ризици по европскиот пат на државата, гледам ризици по однос на слободите и правата и демократизацијата на државата и гледам ризици по однос на можни нови поделби и по етнички и по други линии. Тоа се политики што се својствени за партијата што е главна во новата власт и оттука, граѓанството треба да е будно кога се работи за тие прашања“, заклучи Забрчанец.

Во интервјуто за Слободен печат, Марјан Забрчанец, со осврна и на можниот иден однос на новата Влада кон иницијативата Отворен Балкан.

„Во програмата за работа на новата Влада, поимот Отворен Балкан не се спомнува, а еден од коалициските партнери, односно Арбен Таравари во претседателската кампања, експлицитно најавуваше излегување на државата од Отворен Балкан. Јас не мислам дека државата ќе излезе од Отворен Балкан, потпишани се меѓународни договори, дел од проектите се воспоставени на системско ниво, на ниво на инситуции од трите држави. Знаеме дека меѓународен договор е над домашното законодавство, меѓутоа во овој момент не очекувам нови иницијативи. Јас се плашам дека некој во иднина може сето тоа ќе го нарекува Отворен Балкан, но се плашам дека ќе се сведе на тоа, македонскиот етнички дел од нашата влада да соработува со Србија, а албанскиот етнички дел од владата да соработува со Албанија. Тоа е поларизација, тоа се две општества, не е едно општество“, предупреди Забрчанец.

Забрчанец наброја неколку придобивки за државата од Отворен Балкан како што се воведувањето брзи ленти на граничните премини, укинување на работните дозволи за граѓаните на Македонија, Србија и Албанија, заедничка промоција на туризмот, бесконтактното плаќање патарини и слично.

Во интервјуто за Слободен печат Забрчанец оценува дека до локалните избори не очекува големи промени кај опозицијата и дека треба да се работи на создавање сојуз на демократските и прогресивните сили.

„Мислам дека времето до локалните избори е прекратко за големи промени, за радикални реструктурирања и заздравувања и во СДСМ и генерално во демократскиот блок“, посочува Марјан Забрчанец.

„Погледот треба да биде за две до три години од денес. Се разбира дека сериозна пресвртна точка можат да бидат локалните избори, но меѓутоа јавноста не треба да очекува големи радикални промени до локални избори. До локални избори има нешто повеќе од една година, а СДСМ допрва треба да избере свое ново раководство“, укажа во интервјуто Забрчанец.

Тој смета дека кој и да биде иден лидер на СДСМ, тој треба да работи на создавање сојуз на демократските и прогресивните сили во државата.

„За тоа е потребно е време, тоа време до локалните избори не е доволно и кој и да биде избран за лидер таму, ќе има тешка задача и ќе мора да покаже отвореност, како што претходно било покажувано со цел да стигнеме до моментот на почеток на едно ново обединување“, истакна Забрчанец.

Запрашан за став за партијата ЗНАМ, Марјан Забрчанец во интервју за Слободен Печат истакна дека формирањето и дејствувањето на тој блок може да се гледа и како ослободување на СДСМ од одреден товар.

„Погледнете што се случува, ви излегува ЗНАМ, се откинува од партијата и оди на спротивната страна, односно е сојузник со она што е сосема обратно од она што е социјалдемократска идеологија. Мене ако ме прашате тоа расцепкување можеби во овој момент и му одговара на СДСМ, можеби е добро тоа што ЗНАМ е сојузник со ВМРО-ДПМНЕ и е приврзок на ВМРО-ДПМНЕ во власт каде ВМРО-ДПМНЕ и без тоа има мнозинство, мислам дека СДСМ е ослободување од еден товар, товар што се коси со се’ што е социјалдемократска база“, посочи тој.

Ако постојат уште такви товари, додава Забрчанец, можеби е подобро СДСМ поскоро да се ослободи од тие товари за поскоро да почне да биде носител на еден нов процес на обединување на се’ што е демократско, нагласи тој во интервјуто за Слободен печат.

Треба да знаете
Moже да ве интересира