Загрижувачки тренд: Бројот на заболени од меланом се дуплира на секои 10-15 години, предупредува ИЈЗ

Постојано расте бројот на заболени од рак на кожа (меланом) и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според официјалните податоци, годишното зголемување на бројот на заболени изнесува 4-5%, што значи дека бројката на дијагностицирани лица се удвојува на секои 10 до 15 години.

СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА: НАД 500 ЛИЦА ЖИВЕАТ СО ОВАА ДИЈАГНОЗА

Меланомот е најсериозниот и најмалигниот карцином на кожата кој многу брзо се шири низ телото, а неговото лекување станува потешко доколку не се открие навреме. Во Македонија, ситуацијата станува се посериозна. Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, истакнува дека во моментов над 500 лица во државата живеат со меланом, додека бројот на нови случаи веројатно надминува 250 годишно.

Само во 2023 година беа регистрирани 49 новозаболени, додека во 2024 година од оваа болест починале 28 лица. Иако мажите почесто заболуваат, статистиките покажуваат дека кај помладите од 50 години, стапката е повисока кај жените. Сепак, жените имаат подобра стапка на преживување, најверојатно затоа што почесто ги забележуваат промените и порано бараат лекарска помош.

Иако меланомот најчесто се појавува во педесетите години од животот, во последно време сè почесто се дијагностицира кај помладата популација на возраст од 25 до 44 години. Главни фактори на ризик се:

  • Прекумерно изложување на сонце и изгореници, особено во детството.
  • Лица со светла кожа, сини очи и руса или црвена коса.
  • Користење на солариуми, каде УВ зрачењето може да биде 15 пати поинтензивно од сонцето.
  • Лична или семејна историја на рак на кожа и лица со над 50 бемки.

Клучот за успешно лекување е раното откривање. Институтот за јавно здравје препорачува самопреглед еднаш месечно со користење на правилото А-B-C-D-E за сомнителни промени:

  • А (Асиметрија): Промената нема правилен облик.
  • B (Граници – Borders): Рабовите се неправилни или назабени.
  • C (Боја – Color): Промената има повеќе бои или нијанси.
  • D (Дијаметар): Пречникот е поголем од 6 милиметри.
  • E (Еволуција): Секоја промена во големината, бојата, дебелината или појава на крварење и чешање.

ПРЕВЕНЦИЈАТА Е НАЈДОБРА ЗАШТИТА

Ракот на кожата во голема мера може да се избегне со промена на однесувањето на сонце. Главните препораки вклучуваат избегнување на сонце помеѓу 11 и 16 часот, носење заштитна облека со долги ракави и шапки, како и редовно нанесување на крема за сончање со висок фактор (SPF 30+) која штити и од УВА и од УВБ зраци.

„Не го игнорирајте проблемот надевајќи се дека ќе помине. Раната дијагностика ги прави шансите за целосно закрепнување многу големи“, порачуваат од ИЈЗ

Најчитано