Започна со снимање „17“, игран филм на Косара Митиќ за младите во нивниот најранлив период

Денеска во Музејот на Македонија започна со снимање долгометражниот игран филм со работен наслов “17“, дебитантското долгометражно остварување на Косара Митиќ, во продукција на “Црна Мачка“.

„17“ му припаѓа на coming-of-age жанрот и е инспириран е од вистински настан, кога пред неколку години студентка од Скопје го фрлила во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановци, па продолжила на апсолвентска екскурзија во странство. Обработувајќи тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, „17“ се фокусира на нивниот најранлив период, кога се под притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи.

Во филмот играат 25 тинејџери, како и искусни актери: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски…

Косара Митиќ (1987, Скопје) досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвена соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

Косценарист е Огњен Свиличиќ, наградуван хрватски режисер и сценарист, познат по филмовите „Да ми је бити морски пас“ (2000), „Опрости за кунг-фу“ (2004), „Армин“ (2007), „Таква су правила“ (2014), „Глас“ (2019). Неговите филмови се прикажани на фестивали како Берлин и Венеција и има добиено повеќе странски и меѓународни награди. 

Продуценти се Томи Салковски, Кристијан Буровски, копродуценти Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), монтажер е Дејан Смилески.

Филмскиот проект “17“, „Црна Мачка Продукција“ го реализира во копродукциска соработка со „Арт&Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од „Агенција за Филм на Република Северна Македонија“, „Филмскиот Центар на Србија“ и „Словенечкиот Филмски Фонд“. Филмската екипа која е ангажирана на проектот е составена од професионалци од трите земји копродуценти. Снимањето на филмот ќе се одвива на локации во Скопје и Битола.

Треба да знаете
Moже да ве интересира