Зеленски – Фредериксен: Данска одигра клучна улога во одлуката за испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина

 Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска укажа на потребата од зајакнување на антируските санкции и порача дека секој кој и помага на Русија да ги заобиколи санкциите треба да одговара.

„Во иднина мораме суштински да ги зајакнеме санкциите против Русија и да ги елиминираме сите руски трикови во врска со тоа. Секоја шема за заобиколување на санкциите е буквално инвестиција во терор. Затоа, секој кој и помага на Русија да ги заобиколи санкциите мора да одговара“, истакна Зеленски на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен во Лавов.

Според него, уште една фундаментална задача оваа година е „конфискација на руските имоти кои се веќе замрзнати, особено во европските јурисдикции“.

„Путин ги цени парите многу повеќе од човечкиот живот и затоа ќе ја почувствува вистинската цена на неговата агресија преку губење пари и имот“, рече Зеленски.

Тој оцени дека Данска одиграла клучна улога во одобрувањето на одлуката за испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина и изрази благодарност за секоја манифестација на „данската поддршка за земјата, народот и меѓународното право“.

Тој потсети на покренувањето на програмата за финансирање на извозот преку специјалниот инвестициски фонд на Данска за поддршка на испораките во Украина, особено опремата. „Тоа е она што навистина помага. Колку повеќе заеднички резултати постигнуваме, толку е поголема неспособноста на Русија да ги постигне своите агресивни цели“, нагласи Зеленски.

Данската премиерка изјави дека борбените авиони Ф-16, кои ќе ги обезбеди Данска, ќе бидат испорачани до летото оваа година.

„Сите сме многу среќни што Данска ќе ги обезбеди овие ловци во соработка со Холандија, Белгија и САД. Ова е многу моќно оружје. Се надевам дека ќе можеме да ги видиме Ф-16 во воздушниот простор на Украина во блиска иднина, пред летото“, рече Фредериксен.

Таа го објасни доцнењето со трансферот на борбени авиони во Украина исклучиво со технички прашања за кои е потребно време да се решат. „Единствената причина поради која го одложуваме трансферот на Ф-16 во Украина е техничка, бидејќи е потребна сериозна инфраструктура за одржување на овие ловци, а обуката за Ф-16 е многу подолга отколку за кој било друг вооружен систем“, рече Фредериксен.

Таа потсети дека обуката на украинските пилоти започнала во август минатата година и дека се одвива „многу брзо и многу добро“.

Зеленски и премиерката на Данска денеска во Лавов потпишаа договор за соработка во областа на безбедноста.

Претходно, тие им оддадоа почит на паднатите бранители на Украина.

Треба да знаете
Moже да ве интересира