Зеленски најави нови разговори со САД за мир и воена помош

Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави нова рунда разговори со американските партнери за можен мировен договор со Русија, но и за дополнителна воена помош, противвоздушна одбрана, енергетска и прехранбена безбедност.

Зеленски соопшти дека Киев подготвува серија средби во Соединетите Американски Држави, на кои една од главните теми ќе биде продолжувањето на преговорите за завршување на војната.

„Подготвуваме средби со нашите партнери во Соединетите Американски Држави. Тоа се однесува на преговорите, приближувањето на мирот, но и на други важни прашања – енергетиката, прехранбената безбедност и оружјето“, рече Зеленски.

Тој најави и нови пакети воена поддршка за Украина, особено дополнителни системи и средства за противвоздушна одбрана.

Најавените разговори доаѓаат во период кога Вашингтон повторно се обидува да го придвижи дипломатскиот процес меѓу Киев и Москва. На почетокот на септември американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер разговараа со Зеленски во Киев, непосредно откако претходно имаа средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Засега нема договор за целосно примирје.

Последната американска иницијатива се однесуваше на можен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Зеленски изјави дека Украина е подготвена да ја разгледа таквата можност, но само доколку Вашингтон може да гарантира дека и Русија навистина ќе го почитува договорот.

Според украинскиот претседател, Киев не сака краткотрајни договори кои Москва би можела да ги искористи за прегрупирање на силите, туку траен механизам што ќе има конкретни безбедносни гаранции.

Во разговорите со САД останува отворено и прашањето за идната американска воена помош.

Претседателот Доналд Трамп во јули се согласи Украина да добие лиценца за производство на пресретнувачи за системите Patriot, една од најважните украински барања за зајакнување на воздушната одбрана.

Паралелно, американскиот Конгрес усвои нов пакет санкции кон Русија, со кој дополнително се таргетираат руски финансиски институции, официјални лица и транспортот на нафта. Украина оценува дека економскиот притисок врз Москва мора да продолжи паралелно со дипломатските разговори.

Новите контакти треба да се одвиваат и во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха најави дека таму е можно да се одржи и средба меѓу Зеленски и Трамп, но конкретен термин засега не е официјално потврден.

Зеленски веќе договори средба во Њујорк и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Двајцата претходно разговараа за финансирањето на украинската одбрана, новите безбедносни механизми и дополнителната европска помош.

Европската Унија во меѓувреме најави исплата на 3,3 милијарди евра за Украина, со средства што треба да се користат за набавка на ракети и беспилотни летала.

И покрај новите дипломатски активности, борбите продолжуваат. Русија во последните денови изврши нови масовни ракетни и дронски напади врз Киев и други украински градови, додека Украина продолжува со удари врз руска воена и енергетска инфраструктура.

Новите разговори во САД затоа треба паралелно да се движат по две линии – барање политички услови за можен крај на војната и обезбедување дополнително оружје доколку дипломатскиот процес повторно не донесе резултат.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?