Зеленски одобри 40-дневна операција за крај на војната

Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одобри 40-дневна операција на Службата за безбедност на Украина, чија цел е да се зголеми притисокот врз Москва и Русија да биде принудена да ја заврши војната.

Одлуката била донесена по состанок со раководството на СБУ, на кој Зеленски бил информиран за планираните напади со среден и долг дострел врз руски цели, како и за резултатите од досегашните операции.

„Одобрив 40-дневна операција на Службата за влијание врз државата агресор, со цел да се изврши притисок за завршување на војната“, објави Зеленски.

Украинскиот претседател не соопшти детали за конкретните цели, обемот и начинот на спроведување на операцијата. Тој, сепак, ги пофали припадниците на СБУ и специјалната единица „Алфа“ за нападите врз руски воен персонал, опрема и инфраструктура.

Најавата доаѓа во период кога Украина ги интензивира нападите врз објекти што Русија ги користи за воени операции. Зеленски претходно им нареди на разузнавачките и воените структури превентивно да дејствуваат против руските капацитети што го поддржуваат продолжувањето на војната.

Украинските сили во последните месеци извршуваат напади со дронови и ракети врз руски рафинерии, енергетски објекти, воена логистика и цели на окупираните територии. Киев оценува дека намалувањето на руските воени и економски капацитети може да ја принуди Москва да прифати сериозни преговори.

Новата 40-дневна операција претставува продолжување на таа стратегија – преку засилен воен и економски притисок Украина да ја подобри својата позиција на фронтот и во евентуалните преговори за завршување на војната.

Најчитано