Албанската полиција приведе десет членови на криминална група која се занимавала со шверц на кокаин од Латинска Америка преку Италија до Албанија и оттаму во неколку европски земји, објави „Албаниан дејли њуз“.
За време на операцијата била откриена и софистицирана лабораторија за преработка на дрога.
Се претпоставува дека кокаинот, кој се увезувал преку различни европски пристаништа, се обработувал и се доставувал до други организирани криминални групи низ Европа.
Во лабораторијата полицијата запленила повеќе од 6 килограми кокаин, речиси 50 тони суровини, близу 90 килограми суви материи за мешање со дрога и 50 килограми течности за подготовка на кокаин за продажба. Пронајдена е и лабораториска опрема и пари во различни валути во вредност од над 50.000 евра.
Акцијата била спроведена во текот на викендот на барање на албанското Специјално обвинителство за борба против организираниот криминал (СПАК) и Обвинителството и финансиската полиција во италијанскиот град Реџо Калабрија со поддршка на Агенцијата на ЕУ за соработка во кривичната правда, Европравда.