Весна Бендевска во 2012 година од собраниската говорница ја прозиваше тогашната претседателка на Антикорупциската комисија, Љубинка Корабоска, за договорите за четирите станови на Нада Груевска, мајката на тогашниот премиер Никола Груевски. Четиринаесет години подоцна, по нападот врз Сара во Охрид, за кој е обвинет нејзиниот син Кристијан Корабоски, во проверените јавно достапни медиумски објави не е најдена реакција од Бендевска за случајот.
Архивата сведочи дека Бендевска тогаш барала одговори за работата на Корабоска и за сомневањата за селективно постапување на институцијата со која раководела.
„Утрински весник“ на 10 јули 2012 година, во текстот „Антикорупциската се занимава само со опозицијата“, објавил дека Бендевска ја прашала Корабо
ска дали токму таа била самостојниот референт поврзан со купопродажните договори за четирите станови на мајката на Груевски. Прашањето го поврзала со нејзиното работење во Јавното претпријатие за стопанисување со станбени објекти.
Во истата расправа, Бендевска и Ана Павловска-Данева поставувале прашања и за финансирањето на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашната опозиција ја обвинувала Антикорупциската комисија дека ја штити власта и дека постапува против нејзините политички противници.
Денес, името на поранешната претседателка на ДКСК повторно се споменува во јавноста, овојпат поради постапката против нејзиниот син за нападот врз 26-годишната Сара.
Според МВР, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По претходна расправија, Корабоски ја нападнал девојката во автомобилот, а со нападот продолжил и откако го запрел возилото. Сара изгубила свест и била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“.
Првично, по барање на Обвинителството, судот му изрече мерки на претпазливост: одземање на пасошот, забрана за приближување до Сара на помалку од 50 метри и обврска за редовно јавување во суд. Одлуката предизвика бурни јавни реакции, а Корабоски на 16 ноември повторно беше приведен.
Обвинителството потоа поднесе обвинение за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста и побара определување притвор. Според обвинителските наводи, при вршење семејно насилство, обвинетиот ја затворил, физички ја нападнал и ја повредил оштетената и ја загрозил нејзината сигурност.
Мајката на Сара јавно изнесе и сомневања дека семејните врски на обвинетиот влијаеле врз првичното постапување на институциите.
Токму барањето институциите да постапуваат еднакво, без оглед на семејните и политичките врски, ја прави актуелна споредбата со настапот на Бендевска од 2012 година. Тогаш таа јавно барала одговори од Корабоска. За нападот врз Сара, во проверените медиумски објави до подготовката на овој текст не е најдена нејзина јавна осуда или барање за проверка на сомневањата за институционална заштита.

