Четири мечки решија да се почастат со мед од подножјето на Пелистер, а камерите инсталирани во пчеларникот на Наце Јовчевски во селото Дихово кај Битолско го снимија нивното пристигнување меѓу кошниците. Сепак, зад нивната гозба останаа големи штети – неколку пчелни колонии беа уништени, пишува Telma.mk.
Пчеларите предупредуваат дека, покрај климатските промени и намалувањето на приносите, мечките од Пелистер се дополнителен проблем за нив, кои често се спуштаат до пчеларниците во селата во подножјето на планината и ги уништуваат кошниците. Тоа е уште еден сериозен предизвик за малите производители, чие производство во голема мера зависи од природните услови.
„Потрагата по храна повторно ги донесе мечките во селата под Пелистер. Во ова необично видео, можете да видите како дури четири мечки влегуваат во еден од нашите пчеларници и предизвикуваат огромна штета, уништувајќи голем број пчелни колонии. Зад секоја пчелна колонија стојат години работа, љубов и безрезервна посветеност. За нас, ова не се само бројки и изгубена опрема, туку уништен труд и грижа“, рече Јовчевски за ТВ Телма.
Наце Јовчевски повеќе од десет години, освен со производство на мед и пчелни производи, се занимава и со апитуризам.

