Пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово и оваа година одби да учествува на денешната седница свикана за годишно обраќање на претседателката Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на ПДК, одбивањето да се следи обраќањето на Османи доаѓа поради тоа што таа продолжила да се однесува „со вознемирувачко неисполнување на нејзината уставна улога и функција“.
„Госпоѓа Османи како претседателка, истовремено и водачка на надворешната политика, дефинитивно не успеа да постигне ниту еден успех во меѓународното претставување и соработка на Косово. Како претседателка не успеа да му обезбеди на Косово ниту едно признавање, како што не успеа и на полето на зачленувањето на земјата во ниту една меѓународна организација“, се вели во соопштението на ПДК.
Згора на тоа, вели најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Османи како претседателка „продолжи да молчи за мерките и санкциите што ЕУ ги наметна на Косово како резултат на деструктивниот пристап на владата и во ниту еден случај не се однесуваше и не делуваше како противтежа на погрешните политики на владата кои ја изложија земјата на меѓународна изолација“.