Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зголеменa безбедноста во Косово поради инцидентите на северот од државата

Косовската полиција соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки на ниво државата, вклучително северниот дел, населен со мнозинско српско население, по последните инциденти со напади со рачни бомби врз објектите на полицијата и на општинската зграда во Звечан, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според полициското соопштение, зголеменото обезбедување се врши со цел „да се спречат инциденти од различна природа“.

„Со предвидните планови ќе има зголемување на полициските активности за обезбедување поголема сигурност низ државата, за сите граѓани без разлика“, се наведува во соопштението.

Оперативните полициски планови, како што се вели во соопштението, ќе се фокусираат на „зголемување на полициското присуство на терен, повеќе патроли во најкритичните области, повеќе пунктови и зголемена соработка со граѓаните“.

„Полицијата преку оперативни и разузнавачки акции ќе има за цел да го зачува јавниот ред и мир, да ги спречи криминалните дејствија и да ги истражи и изведе пред лицето на правдата сите кои ќе се осмелат да ја нападнат безбедноста, законот и уставниот поредок на државата“, се вели во соопштението.

Целта на овие операции, според полицијата, ќе биде безбедноста на граѓаните, на нивниот имот и на јавниот и институционален имот.

Полицијата ги повика граѓаните на соработка со информации кои се битни за зголемување на безбедноста во целата држава.

Во Звечан завчера, 27 ноември, беа фрлени две рачни бомби врз тамошната полициска станица, а синоќа, 28 ноември, со една рачна бомба е нападната и зградата на општината. Во нападите нема повредени лица и е предизвикана единствено материјална штета.

Звечан е општина во северно Косово, населена со мнозинско српско население. Како и во другите три општини во областа – Северна Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток – и во Звечан минатата година имаше големи протести на косовски Срби против преземањето на должноста на градоначалниците Албанци, откако Србите ги бојкотираа локалните избори во знак на протест против политиките на Владата во Приштина кон таа етничка заедница. 

Зачлени се на нашиот е-билтен