Крипто-магнатот Џастин Сун ја изеде бананата од 6,2 милиони долари

Кинескиот крипто-бизнисмен Џастин Сун го исполни ветувањето и ја изеде бананата од прочуеното уметничко дело „Комичар“, купено на аукција за неверојатни 6,2 милиони долари. Делото на италијанскиот уметник Маурицио Кателан, кое се состои од банана залепена на ѕид со селотејп, повторно стана центар на внимание.

Во еден од најлуксузните хотели во Хонгконг, Сун, на возраст од 34 години, ја изеде бананата пред публика составена од новинари и инфлуенсери. Притоа, тој го опиша делото како „легендарно“ и истакна дека неговиот чин е продолжение на историјата на уметноста.

„Повкусна е од обичните банани. Ова искуство е дел од трансформацијата на уметноста,“ изјави Сун.

Како сопственик на делото, Сун доби сертификат за автентичност и инструкции за одржување, кои вклучуваат замена на бананата, со што се одржува концептуалната природа на уметноста.

Ова уметничко дело предизвика контроверзии уште при своето деби на Уметничкиот саем во Мајами во 2019 година, кога беше продадено за 120.000 долари. Делото стана вирално откако уметникот Дејвид Датуна ја изеде бананата, предизвикувајќи дебата за вредноста и природата на уметноста.

Со овој потег, Сун уште еднаш го врати вниманието на „Комичар“, поставувајќи прашања за тоа каде завршува уметноста и каде започнува перформансот.

Најчитано