Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер по ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот изјави дека корупцијата не треба да се толерира и дека сега се на потег македонските институции. Од Владата бараат надлежните институции да спроведат истрага за наводите, а брзо решавање на случајот побараа и од судската фела. Партиите изразија различни ставови, но ја поддржаа одлуката на Стејт Департментот.
Според Врховниот суд, извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење и е неопходно приоритетно да се постапува по нив.
– Соединетите Американски Држави даваат континуирана поддршка и исклучителен придонес за правосудството, кој е заснован на правните начела и демократските вредности. Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата.
Здружението на судии вчера истакна дека ова е сериозен удар за честа и угледот на судијата и повика на итно решавање на случајот за зачувување на независноста и интегритетот на судството.
– Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сѐ со Уставот и Законите на нашата земја, но и согласно Меѓународните Закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо решавање на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата, се наведува во соопштението на Здружението.