Во организација на Цивил и Медиа дијалог/Y4M од Германија денеска во Скопје започнува Меѓународната конференција „Одбрана на демократијата и човековите права во услови на војна, национализам и авторитаризам“.
Конференцијата се состои од четири сесии, во кои учествуваат повеќе од 25 учесници од Северна Македонија, регионот, Европа и САД, како и изложба и штандови со изданија на организацијата која оваа година одбележува 25 ГОДИНИ од основањето.
На прес-конференцијата како што посочија претседателот на Цивил, Џабир Дерала како и Волфганг Ресман, претседателот на Медиа дијалог/Y4M од Германија изминатите години особено е загрозена демократијата во светот, но и поединечно како во Украина, руската агресија открива застрашувачки последици на неконтролирана тиранија, додека на Блискиот Исток насилствата продолжуваат да предизвикуваат хаос и да одземаат невини животи. Воени злосторства, како намерното напаѓање на цивили, систематско мачење и користење на гладта како оружје, сè повеќе се нормализираат. Овие трагедии претставуваат дел од глобален напад на човековите права, поттикнат од стравот, поделбите и систематското задушување на отпорот.
-Уништувањето на училиштата, болниците и хуманитарните коридори е шокантен доказ за игнорирање на меѓународното право и светоста на животот. Овие злосторства повикуваат не само на осуда, туку и на решителни и координирани напори за носење на сторителите пред лицето на правдата и спречување на понатамошни кршења на правата и слободите, вели Дерала.
Според Мика Бојстер, претседател на германска унија на новинари образованието, медиумската писменост и граѓанското учество остануваат клучни алатки за борба против пропагандата, омразата и екстремизмот.
Биљана Јордановска од ЦИВИЛ истакна дека на конференцијата ќе има и изложба на фотографии.
„Тоа ќе бидат само дел од фотографиите преку кои ќе се илустрира работата на ЦИВИЛ во изминатите 25 години. За жал во 2017 година, канцеларијата на ЦИВИЛ беше ограбена и беа одземени повеќе хард дискови и лаптоп компјутери во кои имаше архива на ЦИВИЛ. Истрагата на МВР се уште трае“, вели таа.
Дијана Тахири од ЦИВИЛ нагласи дека конференцијата ќе биде на три јазика, англиски, македонски и албански и ќе може ВО ЖИВО да се следи на Фејсбук и Јутјуб страницата на ЦИВИЛ.
„Во ЦИВИЛ работи 24 часа мала „неуморна машинерија “ (активисти) кои прават големи работи за демократијата“, посочи таа.
Повеќе информации за меѓународната конференција „Defending Democracy“, којашто ќе започне во 10.00 часот во Холидеј ИН може да најдете на веб-страницата на македонски јазик. Кликнете ТУКА.