Покрај растот на електронските цигари кои се особено популарни кај младите од 15 до 39 години, обичните цигари остануваат најпопуларен избор. Просечната употреба на цигари останува иста како и во 2020 и жителите на ЕУ пушат 14 цигари дневно.
„Како резултат на значајниот маркетинг на електронските цигари како поздрава алтернатива за конвенционалното пушење, тие станаа популарни кај луѓето кои се обидуваат да престанат да пушат,“ изјави Јозеф Хамуд од Универзитетски центар за медицина во Гетинген, Германија, кој е главен автор на истражување за двојната употреба на вејпинг и пушење. „Има многу работи што не ги знаеме за долготрајните здравствени последици од вејпингот,“ објасни тој.
Загрижени од можноста од зголемена употреба на електронски цигари помеѓу младите, некои држави одлучија да ги забранат електронските цигари или барем да ги забранат електронските цигари за еднократна употреба или оние со ароми погодни за деца.
Во Холандија, на почетокот на ноември, судот ја потврди владината забрана за ароматизирани електронски цигари со образложение дека тие ги поттикнуваат младите луѓе да пушат. Судот во Хаг донесе пресуда против тутунскиот гигант „Бритиш Американ Тобако“. Забраната за ароматизирани е-цигари е на сила од 1 јануари, 2024.
Поради масивниот број на смртни случаи предизвикани од тутун, голем број на здравствени истражувачи повикаа вејпингот да остане легален како алатка за откажување од цигари – но и да се направи сè што е можно да се спречат младите да почнат да пушат.
Големи разлики во ЕУ околу борбата против пушењето
Податоци од над 40 држави прибрани од европската коалиција на невладини организација кои се борат за контрола на тутунот, Smoke Free Partnership, покажуваат дека во 2022 половина од државите на европскиот континент имале „добри“ или „многу добри“ мерки за заштита на населението од пасивно пушење, на пример преку забрани за пушење на одредени места.
Некои европски држави воведоа забрани за пушење во близина на училишта, пред работни места или во спортски стадиони, но Шведска е единствената европска држава во која има целосна забрана за пушење во отворените делови од рестораните и баровите.
Во Шведска бројката на дневни пушачи е ниска во главно поради шведската традиција на употреба на „снус“ – производ од мелен тутун што се става помеѓу горната усна и непцето, и се смета за помалку штетен од пушењето бидејќи му штети само на корисникот. Според последните податоци, 22% од мажите во Шведска и 10% од жените користат снус на дневна основа.
Од 2014 постои и снус без тутун но со додаден никотин, кој стана екстремно популарен, особено помеѓу младите, бидејќи е често достапен во разни вкусови. Бидејќи официјално не се смета за производ од тутун, не е забранет од ЕУ иако постојат одредени национални забрани. Големите меѓународни компании за тутун кои се сопственици на многу од шведските произведувачи на снус жестоко се борат против неговата забрана надвор од Шведска.

