Речиси половина од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека постои реална можност за војна во регионот, покажува годишното истражување на јавното мислење за перцепцијата на безбедноста на Советот за регионална соработка (РКК), SecuriMeter 2024 година.
Генералниот секретар на РКК, Мајлинда Брегу, на денешната презентација на извештајот пред новинарите во Тирана изјави дека загриженоста за потенцијалните конфликти е широко распространета кај граѓаните на земјите од Западен Балкан.
-Оваа вознемиреност е најизразена во Србија – 58 отсто, во Босна и Херцеговина 51 отсто и во Црна Гора 49 отсто, изјави Брегу.
Според истражувањето, како што додаде таа, помалку од 40 отсто од жителите на Западен Балкан сметаат дека регионот е безбеден за живот.
-Оваа грижа за регионалната безбедност најверојатно е последица на тековните прашања, вклучително и тензиите меѓу Србија и Косово кои се пренесуваат во Албанија, како и етничкиот антагонизам во Босна и Херцеговина, кој исто така е во пораст во Србија, рече Брегу.