На американската црна листа се најдоа нови лица и фирми од Босна и Херцеговина поради поврзаност со претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Канцеларијата за контрола на имотот на странци (ОФАЦ) на Министерството за финансии на САД на црната листа ги стави министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Сташа Кошарац (СНСД), како и претприемачите Мирко Добриќ и Александар Добриќ од Градишка и Влатко Вукотиќ од Бања Лука.
Тие се санкционирани поради нивната поврзаност со претседателот на Република Српска, Милорад Додик и неговиот син Игор, кои од претходно се на американската „црна листа“.
Санкции беа изречени и за компаниите „Бест сервис“ и „Нимбус иновации“ со седиште во Бања Лука, поради, врските на компанијата со Игор Додик. На „црната листа“ е и фирмата „Ворто“ поради Влатко Вукотиќ и фирмата „Зелена Јабука“ поради врските со Мирко Добриќ.