Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На Даути никој не и може ништо, пак ја прекина расправата за Законот за бранители

„Законските рокови се поминати, затоа не го ставам Законот за бранителите на дневен ред на Комицијта за социјална политика, демографија и млади“, рече претседателката на ова собраниско тело, Илире Даути. Одговорот следеше откако пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, побара како прва точка на Комисијата да се расправа за Предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства – Законот за бранители.

„Повеќе пати укажав дека Законот се уште е во систем, а не е повлечен. А согласно член 131 од Деловникот за работа на Собранието, дневниот ред на седниците и работниот дел се утврдува на почетокот на седницата, како што и почнавте и во дневниот ред може да се внесат и прашања кои ги предложиле и пратениците, претседателот на Собранието или Владата. Согласно Деловникот имам право да го ставам на дневен ред овој Предлог на закон, а вие имате обврска овој мој предлог да го ставите на гласање, па ако помине да биде од дневниот ред, а ако не помине тогаш си продолжува со дневниот ред кој што вие го предложивте“, рече Тренчевска.

Откако го слушна барањето, на Тренчевска, Даути, ја прекина седницата на Комисијата.

Ова е трет пат како Даути одбива да ја стави на дневен ред точката со Законот за бранителите.

Вториот пат, Даути одби да го стави на разгледување Законот за бранителите, за кој пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ на пленарна седница изгласаа дека има потреба да биде донесен. Со ваквото постапување, таа како пратеник ја суспендира волјата на парламентарното мнозинство.

Првиот пат, откако таа не ја исполни должноста во рок од 24 часа по пленарната седница да го стави на дневен ред законот на комисико разгледување, Левица го повика спикерот Африм Гаши тој да ја закаже седницата.

Гаши пак, смета дека согласно собраниските процедури, резултатот од интерпелацијата нема да влијае на позицијата на Даути, како претседателка на Комисијата.

Пратеничката група на Левица до Собранието поднесе интерпелација за Илире Даути. Во интерпелацијата пишува:

„Поради непочитувањето на уставните, законските и деловничките одредби за работа
на Собранието бараме собраниското мнозинство во целост да ја прифати истата, носејќи заклучок за изнесените наводи, така што ќе констатира дека претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади – Илире Даути, несовесно и неодговорно ја врши јавната функција на која е избрана и не го почитува Уставот, законите и Деловникот на Собранието“.

Денеска пак, претседателката Илире Даути од Алијансата за Албанцигте посочи дека интерпелацијата не ја гледа како нешто персонално против не, туку, како ‘една војна против лицата кои се бораат за еднаков третман за сите граѓани, во овој случај и против другата страна поранешните војници на ОВК кои учествувале во воениот конфликт во 2001 година’.

Зачлени се на нашиот е-билтен